Набљудувачи од „Цивил“ констатираат партиски вработувања во Металуршкиот комбинат “Југохром фероалојс” од Јегуновце. Според набљудувачите на „Цивил“, фабриката во Јегуновце е мета на изборните случувања со политичка позадина, па во фабриката веќе немало простор за постојните вработени, со оглед на тоа што просторот бил преполнет со нови луѓе, вработени за време на изборната кампања.
Kaj некои од новите вработени во Југохром, кои на работа биле примени во последниов месец, на профилите на Фејсбук можат да се забележат фотографии од една политичка партија, како и фотографии од нивните малолетни деца облечени во маички од партијата.
„Бројот на вработените во погоните се дуплираат, а администрацијата не веќе не може да дише, пренатрупано е. Останатите кои не се партиски определени стравуваат за работните места“, констатира набљудувачот на „Цивил“.
Инаку, Владата пред 3 недели реши да го пролонгира рокот и да им додели нови шест месеци на Југохром и на Макстил за да ги воведат А-интегрирани еколошките дозволи. Медиумите веќе објавија дека барањето на менаџерските тимови од Макстил и Југохром за пролонгирање на роковите за добивање еколошки дозволи било разгледано на владина седница и била донесена одлука рокот да се пролонгира до крајот на ноември годинава.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми, заедно со заменик министерот Стево Темелковски минатиот месец беше во посета на фабриката „Југохром Фероалојс“ во врска со исполнувањето на оперативниот план на овој металуршки комбинат за почитување на еколошките стандарди.
Пишува: Мери Јордановска
Оваа вест е достапна и на: Albanian