Македонија, јануари, 2017: Повеќе од половина час скијачи останале заглавени на жичарата во Маврово поради недостиг на електрична енергија. Дел од скијачите одлучиле да скокаат од жичарата поради студот! Еден од скијачите за „Телеграф“ изјави: „Од три метри висина скокнав во снегот, не се издржуваше од што беше студено. Мислам дека имам мала набиеница, но беше премногу студено за да седам на високо“.
Во моментов, според снимената порака на телефонот на Информативниот центар на ЕВН Македонија, прекин во снабдувањето со електрична енергија има во Гостивар, Маврово, Маврови Анови, Никифорово, Речане, Врбен, Ново Село, Церово, Сретково... Без електрична енергија се и дел од зградите на булеварот АВНОЈ во скопската населба Аеродром, каде жителите во околу шеесетина станови се без електрична енергија, а со тоа и без топлинска енергија, петнаесетина часови. Иако од ЕВН велат дека нивните екипи се постојано на терен, тој одговор едноставно не може да ги задоволи, измрзнатите и нервозни граѓани кои реагираат на социјалните мрежи и бараат одговорност од раководството на фирмата.
Без централно греење остана речиси половина Скопје, односно голем дел од централното подрачје на престолнината - сé до Порта Влае, немаат „парно“ греење, поради голема загуба на вода во мрежата. На удар се и пациентите во ГОБ „8 Септември“ и во Центарот за рехабилитација во Козле. Без греење остана и владината зграда, поради што вработените денес порано ги напуштија своите работни места. Од компанијата БЕГ известија дека интензивно се бара локацијата, за да се острани дефектот.
Покрај проблеми со снабдување со топлинска и електрична енергија, деновиве Македонија се соочува и со проблеми со водоснабувањето. Пред неколку дена, жителите на повисоките зони во скопските населби Аеродром и Ново Лисиче, останаа без вода речиси 30 часа.
Поради замрзнатата вода, тетовската Противпожарна единица, ги гасела опожарените објекти само со ПП апарати.
Постизборните проблеми на граѓаните на Македонија, како да немаат крај... Дел од патиштата низ земјата сé уште не се расчистени, па дел од селата се отсечени од светот. Поради непроодност на патиштата, жителка на селото Брест, со породилни болки, три ипол часа пешачела по снег и студ, за да стигне до селото Самоков, во Општина Македонски Брод, каде ја чекало амбулантно возило. Од друга страна, само во главниот град, во последните четири дена има околу 200 пациенти со повреди и скршеници од неисчистениот мраз, а возачите на ЈСП се жалат на студот во автобусите, во кои мора да работат.
Додека жителите на селата и на градовите се соочуваат со хорор во постизборно обезглавената Македонија, јавните претпријатија и дел од локалните власти се однесуваат како наследници на Пиколомини, а одделни провладини медиуми, ја навредуваат интелигенцијата на напатените граѓан(к)и со наслови од типот „Македонија не им потклекна на поларните температури“ и „институциите лавовски се справуваат со невремето“.
Македонија, измрзната...
М. Ивановска
Оваа вест е достапна и на: Albanian