ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува секој вид насилство и ги повикува институциите, политичките партии и нивните активисти, како и сите граѓанки и граѓани, да ја почитуваат работата на новинарските екипи.
„Секаков вид попречување на работата на медиумите и новинарските екипи, како и на граѓанските новинарки и новинари, претставува атак врз демократијата и врз слободата на изразувањето“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Нападите и попречувањето на работата на новинарските екипи и граѓанските новинар(к)и не престануваат. Таков е и нападот врз екипата на Нова ТВ на 23 август 2017 година, додека подготвуваше прилог за собирањето потписи против бегалците во општина Аеродром. Новинарката на Нова ТВ, во преносот во живо, кажа дека тоа најверојатно го сторил активист на оваа иницијатива. Неодамна, граѓански новинар, соработник на ЦИВИЛ, беше врзан со лисици од полицијата додека снимаше настан, а пред тоа, екипа на ТВ Шења беше под закана од партиски активисти, сето тоа за само еден месец. Новинарите и активистите се честа мета на говор на омраза на социјалните мрежи и во медиумите кои се под директна контрола на одредени партии.
Тоа е неприфатливо однесување! Без оглед на тоа дали се работи за индивидуално мотивирани напади или се работи за искажување став во име на политичка партија или иницијатива, не смее да се дозволи насилство и малтретирање на новинарските екипи. Тоа е забрането со закон и институциите мора да реагираат соодветно и решително.
Предолго бевме сведоци, па и жртви на режим во кој ваквото однесување беше неказниво, а политичките екстремисти и криминалци беа недопирливи.
Овие напади ЦИВИЛ ги смета за напад врз слободата и демократијата. Бараме најстроги казни за сторителите на насилнички акти, како и за ентитетите чии членови се тие.
Ова не смее да се случи уште еднаш!