Напнати предизборни денови во Македонија

ОБСЕ/ОДИХР и ЦИВИЛ со идентични наоди за првата седмица од кампањата за претседателските избори. Набљудувачите на Цивил нотираа реторика на етничка поделеност и заострен вокабулар. Повикот до етничките Македонци од страна на премиерот, Никола Груевски, да им обезбедат на ВМРО-ДПМНЕ 62 мандати во Собранието „за да формираат стабилна влада, отпорна на уцени“ и од друга страна повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, до етничките Албанци да ѝ помогнат на партијата да обезбеди 25 пратеници со цел да има поголемо влијание во идната влада, како и повикот да се бојкотираат претседателските избори, ЦИВИЛ ги гледа како кревање на меѓуетничката тензија во Република Македонија.

Воедно, се забележува предвремено започнување на предизборната кампањата. Дополнително, актуелниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, и шефот на владата, Никола Груевски, со презентацијата на „отчетот“ на ВМРО-ДПМНЕ на 22 март во кој се содржани постигнатите резултати на партијата на власт во изминатиот период и со постојаните настапи на владините функционери во медиумите, има индиции за кршење на членовите 69-а и 75-б од Изборниот законик.

Имено, според членот 69-а од Изборниот законик „за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“. Додека членот 75-б е дециден дека „известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радиодифузерите, во периодот од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“.

предизборна атмосфера

Во Цивил граѓаните досега пријавиле случаи за притисоци и злоупотреба на службена должност во контекст на престојните избори. Исто така, евидентирани се инциденти во повеќе градови низ државата, а загрижува фактот што некои од нив биле проследени со насилство и вандализам. Според дојавите со кои располагаат набљудувачите на Цивил, забележани се и манипулации на младите за партиски потреби, кои биле погрешно насочувани или им биле давани одредени ветувања за нивното присуство на митинзи. Дополнително, Цивил јавува за повреда на правото на приватност на личните податоци од страна на одредени политички партии. Не изостанаа ниту притисоците врз некои медиуми и новинари, како и прибегнување кон навреди и дискредитации на цели редакции.

Пред неполн месец Цивил алармираше за состојбата во медиумите. „Медиумите се под силна контрола на структурите на моќ во државата. Слободата на изразувањето и медиумските слободи се од извонредно значење за подобрување на состојбата со човековите права. Затоа, медиумите мора да се ослободат од политичкото влијание и контрола, а на новинарите да им се овозможи непречено да ја вршат својата работа според професионалните стандарди и етика. Тоа ќе придонесе кон јакнење на јавната свест за човековите права и кон транспарентност на институциите.“ - беше наведено во заклучоците и препораките на извештајот за состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија на невладината Цивил.

Поларизираноста останува неизоставен дел од атмосферата и на овие избори. Петрит Сарачини, инаку активист за човекови права и медиумски експерт, вчера во изјава за редакцијата на Цивил Медиа посочи дека политичарите и новинарите неретко користат говор на омраза.

Петрит Сарачини за говорот на омраза во предизборната кампања„Очекувано беше дека и во оваа изборна кампања, како и во претходните, говорот на политичарите да не биде онаков каков што би требало да биде во еден демократски амбиент при еден од најважните процеси кои што ги познава демократијата, а тоа се изборите. Имаме навистина сочни и еклатантни примери на користење на непристоен јазик, на потпалувачки јазик, на јазик кој што може да предизвика омраза. Не би издвоил некој политичар или политичка опција затоа што гледаме дека повеќето од кандидатите во обид да ги потпалат своите поддржувачи, да ги мотивираат да излезат на гласање и да гласаат за нив, користат јазик кој што не прилега на политичари, особено не на луѓе кои што треба да преземат одговорност и да го носат општеството напред.“ - вели Сарачини.

Тој додава дека овие поделби кои се инсталираат во нашето општество преку говорот на омраза, тоа што луѓето се тераат во другиот да гледаат непријател, не може да донесат никакво добро. Политичарите, според него, треба да разберат дека нивниот јазик и дискурс влијаат на општествениот амбиент, а ваквите досегашни говори уште повеќе ги продлабочуваат поделбите.

Прес конференција на ОБСЕ/ОДИХР

Што се однесува до новинарите, Сарачини апелираше дека тие треба да бидат свесни за нивната улога и одговорно да се водат според новинарскиот кодекс и етичките принципи на известување, повикувајќи се на случаите кога новинарите некритично го трасферираат говорот на омраза или потпалувачкиот говор на политичарите бидејќи само по себе тоа значи реафирмирање и засилување на омразата.

Од ОБСЕ/ОДИХР, пак, велат дека се задоволни со законските измени на Изборниот законик, но сметаат дека во примената сепак ќе има недостатоци. Тие, понатаму, посочуваат на нерешените прашања со нееднаквоста на гласовите во земјата и во странство, како и немањето доволно квалификувани лица за претседател и за членови на изборните одбори. На вчерашната прес конференција тие ги истакнаа и позитивните напредоци постигнати аконто испочитуваните законски рокови од страна на ДИК и ги поздравија јасните регулативи за финансирање на политичките партии и на изборната кампања. Како позитивно го оценија и правото на политичките партии да бараат увид во избирачкиот список и испочитуваните одредби од Изборниот законик за правична етничка и родова застапеност во изборната администрација.

Петар Стојковиќ