ЦИВИЛ-Центар за слобода денеска ги посети скопските општини Сарај, Ѓорче и Карпош, на граѓанките и граѓаните им го презентираше проектот „Напред!“ и со нив ги сподели сите потребни информации за проектот и за условите за конкурирање.
Во двочасовната посета, во трите општини беа поделени околу 300 триплети на македонски и на албански јазик, со едукативни и информативни материјали. Претставниците на ЦИВИЛ им беа достапни на малкуте жители на Сарај за сите информации поврзани со процесот на аплицирање.
Во Ѓорче Петров екипата на ЦИВИЛ ја посети локацијата кај пазарчето и подели околу 100 триплети со информативна содржина. Во разговор со тимиот на ЦИВИЛ, граѓаните и граѓанките најчесто потенцираа дека не веруваат оти изборите ќе бидат одржани на 5-ти јуни.
Екипата на ЦИВИЛ го посети и ТЦ Лептокарија каде беа поделени дополнителни 150 едукативни триплети со информации за проектот „Напред!“ и беа информирани граѓаните како да се аплицира за изборен набвљудувач.
Жителите на Карпош се заблагодарија за можноста да станат изборен набљудувач и голем дел од нив потенцираа со задоволство, ќе аплицираат, затоа што: „По сите негативни вести кои ги слушаме за претходните избори, на овие, навистина ќе бидат потребни и 1.000 набљудувачи“.
Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.
Проектот „Напред!“ се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ и е финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.