Набљудувачите на Цивил во предизборната кампања досега евидентираа неколку случаи на насилство и испраќање на насилни пораки, меѓу кои има обид за директен напад на политичар, напад врз граѓанин присутен на митинг, како и оштетување на партиски штабови.
Цел на напаѓачи бил претседателот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски, граѓанин на Кавадарци бил истепан од полицијата за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во градот, a изборен штаб на СДСМ во Прилеп бил оштетен и исшкртан со спрееви.
Маскирани лица вчера влегле во просториите на општината Карпош со намера да влезат во канцеларијата на градоначалникот Јакимовски и да го нападнат. Како што пренесуваат медиумите, маскираните лица биле опремени со палки и спрееви и при влегувањето во општината го искршиле стаклото на влезната врата. Општинското обезбедување се обидело да ги спречи но не успеало, а потоа кога влегле внатре со спреј уништиле скапо уметничко дело во ходникот. Пред да стигнат до канцеларијата на Јакимовски интервенирала полицијата и ги привела.
Како што информира телевизијата Сител, напаѓачите биле идентификувани како Светомир (32) и Илија (29) а во нивниот автомобил полицијата пронашла предизборни материјали од СДСМ и Стево Пендаровски. Полицијата против напаѓачите поднела кривична пријава за насилство.
„Во автомобилот на напаѓачите беа пронајдени летоци со црна кампања против Стевчо Јакимовски на кои пишуваше дека тој е слуга на Груевски. За едниот од напаѓачите сме сигурни дека е член на СДСМ. Освен насилниот упад во општината Карпош, пријавивме уште еден случај два дена пред влезот на насилниците, во кој беше оштетен и исшкртан со црн спреј штаб на ГРОМ во населбата Тафталиџе кај кафетеријата Ли, но сторителите на овој чин сѐ уште не ни се познати“, изјави портпаролката на општина Карпош Виолета Цветковска.
Петар Шилегов од СДСМ вели дека немаат сознанија дека напаѓачите се членови на СДСМ. Тој додаде дека станува збор за незадоволни сопственици на угостителски објекти кои добиле наредба да ги тргнат незаконски поставените тенди во нивните дуќани. Информацијата дека напаѓачите се сопственици на угостителски објекти ја потврди и МВР, а во нивниот билтен причината за нападот ја наведе наредбата за тргање на тендите.
Овие изјави се спротивни на тврдеањата на претставниците на партијата чиј лидер беше цел на нападот, како и на дел од медиумите.
Кавадаречки бизнисмен за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ бил истепан од полицијата затоа што се обидел да ја пробие полициската блокада и сакал да влезе со неговиот автомобил во улицата каде што живее, а која била блокирана. Како што информира порталот Плусинфо кавадарчанецот В.К. (46) им се спротиставил на полицајците бидејќи бил спречен да влезе во улицата и нервозно искажал погрдни зборови за власта и за тие за кои бил блокиран сообраќајот. Од полицијата изјавиле дека полицајците ги употребиле сите законски нормативи за да спречат поголем инцидент.
„Немаше полицаец што не ме удираше, почнувајќи од началникот на кавадаречката полиција, па сѐ до тие што беа на улица. Ме истепаа крвнички. Сѐ ме боли, а од болка телото ми се грчи“ - изјави за Плусинфо повредениот кавадарчанец В.К.
Полицајците во записникот навеле дека совозачот ги навредувал и го нарушил јавниот ред и мир, па затоа бил приведен. Инцидентот се случил на крстосницата од улиците Мито Хаџивасилев Јасмин и Илинденска околу 19:30 часот минатиот петок. Во записникот се наведува дека од возилото излегле две лица, додека на тој дел од улиците имало времено ограничување на сообраќајот. На наредбата на полицаецот да го тргнат возилото, тие почнале да пружаат активен и пасивен отпор, а особено 46-годишниот В.К. кој бил приведен и против него ќе бил поднесен соодветен поднесок до Јавното обвинителство.
На повеќе месни штабови на СДСМ во Прилеп ноќта пред 1 април со спрееви биле испишани погрдни и навредливи натписи, фашистички симболи, кукасти крстови, а бил напишан и редниот број на кандидатот за претседател Ѓорге Иванов. Портпаролот на општинскиот огранок на СДСМ Прилеп искажа сомнение дека сторителите на овој вандалски чин се партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ.
Марко Петревски