Многу често, посебно во овие држави кои што произлегле од поранешниот социјализам, ние многу наопаку ги вртиме работите и велиме - дозволено ни е сè што е дадено во закон. Не, тоа не е така. Дозволено ни е сè, освен она за што сме се договориле дека не е дозволено. Забраната е предвидена во правилата, не - слободата. Слободни сме апсолутно, освен за оние работи за кои сме се договориле дека ќе претставуваат моја граница. Тоа е основниот проблем во Македонија - неразбирањето на тоа дека можеме да правиме многу работи, независно од тоа што тие работи не се нормирани, не се дадени во законите. И на централно и на локално ниво и во секојдневниот живот...“, рече професорката Најчевска на дебатата на „Караванот на слободата“ во Штип, „Македонија: со или без слобода“
„Одиш во некое училиште и велиш: ’Добро бе, луѓе, оти ѕидот има ваква боја?’ И, ви велат: ’Па, не се дојдени од Министерството да го офарбаат. / Па, добро, дали некаде пишува - забрането е родителите да земат четки и боја и да го офарбаат училиштето. /Не, не пишува. / Зошто тогаш не земете четки и за 50 денари не го офарбате ѕидот?’, прашувам. И, ми велат дека чекаат на Министерството, и така, затворен е кругот на неслободата“, вели професорката Најчевска