Највисоките претставници на триесет политички партии го најавија своето учество на утрешното четврто издание на јавната дискусија „Плурализмот и политичката криза“ во организација на ЦИВИЛ. Јавната дискусија ќе се одржи утре, 10 мај, во хотел Континентал, со почеток во 10:30 часот. Освен големиот број политички партии, присуство најавија и голем број претставници на организации на граѓанското општество, дипломатските претставништва, институциите и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Прашањата и темите на кои ќе говорат партиските лидери се однесуваат на изборниот процес, како што се импликациите од одлуката за бојкотирање на изборите, како и прашањето дали тоа ќе придонесе кон решавање на кризата или ќе ја продлабочи. Понатаму, на дискусијата ќе се разговара за тоа дали треба да има нов датум за избори или мора да се инсистира прво да се создадат услови за слободни избори, а потоа да се утврди датум за нив. Партиите ќе ги изнесат и своите ставови и предлози за излез од политичката криза во Македонија.
Претседател(к)ите на партии ќе имаат излагања од по 3 минути, по што подиумот ќе биде отворен за прашања и коментари од останатите учесници и публика.
Настанот се одржува во рамките на проектите „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија и „Напред!“ – проект за изборен мониторинг, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Оваа вест е достапна и на: Albanian