Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ќе ги утврди кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици во Македонија, доставени од партиите и коалициите, кои партиципираат во овие вонредни парламентарни избори, што треба да стават крај на долготрајната политичка криза во државата.
Главната изборна трка ќе се води меѓу партиите-потписнички на Договорот од Пржино. Зоран Заев, лидерот на СДСМ, како репрезент на коалицијата Заедно за слободна Македонија, ќе се трка со Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата За подобра Македонија, во Четвртата изборна единица. Нивни противкандидати ќе бидат, Љубчо Георгиевски од ВМРО-НП, како репрезент на коалицијата ВМРО за Македонија и претставници на уште шест други партии и изборни коалиции, меѓу кои и ексразузнавачот Слободан Богоевски од Коалицијата за промени и правда.
Лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на ДПА, Мендух Тачи ќе ги освојуваат симпатиите на гласачите во Шестата изборна единица. Какво е расположението на албанското гласачко тело во оваа изборна единица ќе се знае на 11 декември,но веќе сега е јасно дека Ахмети не е добредојден кај албанскиот електорат во Куманово. Синоќа граѓани на Куманово, му го блокираа патот, со цел да го спречат неговото пристигнување на закажаниот преизборен собир.
ДИК треба да одлучи и во однос на кандидатските листи на партијата-човек, чиј претседател е Бранко Јаневски - Социјалдемократска партија на Македонија, којашто поднесе пратенички листи со кандидати-дублери на кандидатите на СДСМ и на Коалицијата со граѓаните.
За фер и демократски избори, неопходно е спроведување на законите
ДИК денеска официјално ќе ги истакне кандидатските листи за претстојните избори, по изборни единици. Во меѓувреме, претставници на ДИК истакнаа дека се исполнети, главните предуслови за организирање на фер и демократски избори во Македонија. Членови на ДИК истакнуваат дека за да се спроведат регуларни, кредибилни избори, неопходно е соодветно спроведување на законите и соработката меѓу институциите, невладините организации и партиите. Тие посочуваат и на потребата од потпишување на веќе одобрениот од политичките партии, Кодекс за превенција за време на предизборниот и изборниот процес, особено, ако се земе предвид политичката криза во која, земјава се наоѓаше изминатите години. Од МВР најавуваат покривање на сите изборни единици и гласачки места за да се обезбеди мирен и демократски изборен процес.
ДИК ќе го утврди редоследот на листите со жрепка, која треба да се изврши на 20-ти ноември. А, на 18-ти ноември, мора да ги објави во дневниот печат листите со кандидати за пратеници. Официјално, изборната кампања започнува на 21-ви овој месец. На 22-ри ноември, ДИК ќе им го достави Избирачкиот список на политичките партии, а тие во рок од пет дена, до 27-ми ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење на одредени податоци. На 27-ми ноември, ДИК ќе го потпише Избирачкиот список. На 8-ми декември, изборниот материјал ќе го предаде на општинските изборни комисии, на 10-ти декември, завршува официјално изборната кампања и почнува изборниот молк, ден пред предвремените избори што треба да се одржат на 11-ти декември.
ЦИВИЛ реагираше и посочи бројни пропусти во Избирачкиот список, којшто е непрочистен, за што редовно јавуваат граѓани од разни градови во Македонија, кои посочуваат дека има фантомски гласачи на нивните адреси.
Во пресрет на изборите, не е финиширан ниту еден предмет на Специјалното јавно обвинителство
Кривичните истраги за бројните случаи што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тесно поврзани со аферата „Прислушување“, а во кои се инволвирани бројни политички поранешни и сегашни функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, не добиле сé уште судска разрешница. Јавноста нетрпеливо ги очекува пресудите за сторителите на кривични дела. Но, се чини, дека македонското законодавство тактизира.
Од друга страна, се водат и судски постапки против учесници во Шарената револуција, меѓу кои се и актуелни кандидати за пратеници на листата на СДСМ и коалицијата Заедно за слободна Македонија. Судењето на Павле Богоевски, обвинет за учество во толпа која предизвикала материјална штета, врз зградата на Министерството за култура за време на протестите, повторно е одложено, за 21-ви декември. Обвинителката достави вештачење за штетата, изготвено според датумот, на 10-ти мај, два и пол месеца пред да биде поднесено обвинението! Вештачењето беше изненадување за судијката и за одбраната, зашто на минатото рочиште, Министерство немаше пријавено штета во обвинителниот акт против Богоевски.
Влошена е состојбата со медиумите во Македонија
Состојбата во медиумската сфера во Македонија, годинава е значително влошена. Ова се оценки и на Европската комисија, според која, во македонските медиуми отсуствува политички плурализам, а националните телевизии координирано ја поддржуваат владејачката партија.
И Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) излезе со став во којшто потврдува дека најголем дел од оценките на Комисијата во врска со насилството врз новинари, со финансирањето на медиумите и со состојбата во МРТВ и во медиумскиот регулатор, се совпаѓаат со ставовите на оваа асоцијација. Европската комисија потврдува дека новинарите се изложени на секакви напади, додека властите не преземаат ништо да ги казнат насилниците, меѓу кои има и политичари.
ЗНМ истакнува дека физичките напади, незаконското прислушување и лошите работни услови на новинарите, имаат за цел да поттикнат самоцензура.
Почна судењето и на новинарот Зоран Божиновски. Пред судијата тој даваше исказ повеќе од еден час и ја презентирал својата одбрана, тврдејќи дека случајот против него е монтиран од експремиерот Никола Груевски, поранешниот прв човек на тајната полиција Сашо Мијалков и ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, а поради непочитување на судот, судијката Ленка Давитковска го казнила Божиновски со 2.000 евра.
Меѓународната заедница останува критички настроен пријател на Македонија
Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Македонија, стигнуваат јасни и недвосмислени пораки од претставниците на меѓународната заедница. Што ќе рече, меѓународната заедница и натаму останува критички пријател на Македонија со пораки за фер и демократски, кредибилни избори, непречена работа на СЈО и остварување на препораките за реформи од Извештајот на Прибе, како предуслови за успешно надминување на долготрајната политика криза.
Особено остри се критиките на поранешната германската амбасадорка, Гудрун Штајнакер, во колумната за Дојче Веле. Според Штајнакер, по 10 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Македонија стана дисфункционална држава, а ВМРО-ДПМНЕ една од најбогатите партии во Европа. Размерите на манипулацијата, на злоупотребите на власта и слабеењето на цивилното општество излегле на виделина со скандалот со прислушувањето во 2015 година. Без масивен притисок однадвор, оценува Штајнакер, демократијата и правната држава во Македонија речиси немаат никаква шанса.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: English