Во Македонија, ниту трагедиите, поплавите, големите катастрофи не се опомена за политичарите во власта. Сведоци сме како од собраниската сцена, политичката драма се префрли во загрозените подрачја. Тукушто вратениот од летување, вцрвенет во лицето - премиер во сенка и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, јавно навредувајќи им го интелектот на своите сопартијци, министри во Владата, а особено, актуелниот премиер Емил Димитриев, изведе герила акција - „Владата назад, Груевски издава команди!“
Груевски ужива во улогата на премиер
На популизмот му нема крај и сега кога е најголема маката на македонските граѓан(к)и. Целиот фокус на Груевски е да собира политички поени, со надеж дека ќе му донесат нова изборна победа. Со телефонот во раце, со ритмички движења создавајќи тензија, играјќи ја улогата на македонски месија, како нему најомилена, повторно бескрупулозно и демонстрираше на македонската и меѓународната јавност, дека во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е државата и дека нема сила што него ќе го симне од тронот.
Новинари на провладините медиуми, очигледни инструменти на своите сопственици, и далеку од свесноста да се вратат на трнливиот пат на објективното информирање, прецизно го следеа секој чекор на Груевски, секоја негова воздишка од добро режираниот монолог, за тоа како треба да им се помогне на настраданите семејства со 21 загинати, 70 повредени, неколку исчезнати лица, огромни материјални штети...
Иако, голем дел од трагедијата е последица и на децениската негрижа на Владата и на локалните власти на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ!
Заев е оптимист - Договорот во Пржино ќе успее
Додека Груевски јавно демонстрира дека тој е премиер во Македонија, лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги повика граѓаните да се воздржат од обвинувања и од јавно жигосување на политичарите во време на трагедијата која ја погоди македонската метропола. Тој смета дека сега е време за хуманост и солидарност. Заев е убеден дека за три недели, на најавената лидерска средба, ќе се донесе одлука за формирање на преодна Влада и за закажување избори на 11 декември. Тој е оптимист и дека ќе се оствари сé што е договорено во Пржино.
СЈО тешко ја води битката со македонското судство
Скопскиот Кривичен суд ги одби трите предлози на СЈО за изрекување мерки на претпазливост за осомничените во случајот „Тврдина“. Ним нема да им бидат одземени пасошите, исто како што неодамна е одбиен предлогот на СЈО за одземање на патните исправи на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Единствено ефектуирана е мерката за Горан Грујовски, ексначалникот на Петтата управа. СЈО смета дека има докази оти групата организирала уништување на два система за следење на комуникации, со што државата е оштетена за 10 милиони евра. Но, секој чекор на СЈО во борбата со криминалот во Македонија се доведува во прашање со некооперативноста на македонските судови.
Во меѓувреме, еден од осомничените во случајот „Тврдина“, Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, доби унапредување во кариерата. Тој стана генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот SELEC), меѓународно тело за борба со криминалот, вклучувајќи организиран криминал, во Југоисточна Европа. Јакимовски е еден од 56-те помилувани лица, кои се најдоа на листата на сега повлечената, колективна аболиција на претседателот, Ѓорѓе Иванов.
Ад хок телото и главниот уредник во МТВ нема да ги реформираат провладините медиуми
Според одделни македонски медиуми, се менуваат сопственици и директори на фирми под истрага на СЈО, по помилувањата и повлекувањето на аболицијата од Иванов. Меѓу помилуваните се најде и името на Владислав Стајковиќ, бизнисмен кој освен НВСП, фирмата која е под истрага на СЈО за провизиите со израелската опрема за прислушување во УБК, го поседува и провладиното, Радио Слободна Македонија и телевизијата К3 од Куманово.
СДСМ обелодени дека „Курир”, „Република” и „Радио Слободна Македонија” се три владини медиуми, коишто за три години, оствариле приходи од три милиони евра. Според податоците од Централниот регистар, „Радио Слободна Македонија“ во 2013 година, само со еден вработен, остварило 242.000 евра - приходи, а заедно со 2014 година, вкупниот приход изнесувал над 617.000 илјади евра.
Во ваква медиумска констелација, еснафските здруженија и граѓанските организации, со сомнеж гледаат кон најавените реформи во медиумската сфера што треба да ги донесе формирањето на ад хок тело за изборен медиумски мониторинг и назначувањето на главен уредник на МТВ на предлог на СДСМ. Освен тоа, во ад хок телото предлозите се исклучиво од СДСМ и од ВМРО- ДПМНЕ, додека ДУИ и ДПА не покажуваат интерес.
ДУИ незадоволна од коалицијата, а албанската опозиција од реформите во Избирачкиот список
ДУИ не го крие незадоволството од владејачката коалиција. Пратеникот Рафиз Алити, јавно посочи дека „во ДУИ има несогласувања, но не и внатрепартиски превирања. Несогласувањата се поради начинот на функционирање на коалицијата, со ВМРО-ДПМНЕ.“
Албанската опозиција обвинува за големи манипулации во Избирачкиот список и изразува недоверба и сомнеж дека реформите ќе овозможат кредибилни избори, со право на глас на сите граѓани. Според албанската опозиција, листата со спорни гласачи не е резултат на добро подготвена методологија, туку едноставно, калкулација на албанската и македонската партија на власт, при што неправедно се отстрануваат несакани лица, од кои мнозинството се Албанци.
За движењето БЕСА, методологијата е неуспешна и вознемирувачки е фактот, што мнозинството гласачи кои се отстранети од Избирачкиот список се прогласени за „дијаспора “, иако многу години тие не ја поминале границата, а се или репрезенти на движењето, или се нивни роднини.
Според експертите, Избирачкиот список со само 39.502 спорни гласачи, наместо сигурност за фер и демократски избори, создава конфузија и недоверба. Експерти дури сметаат и дека не постои можност за да се врати довербата во Избирачкиот список, бидејќи со последните измени се задолжуваат граѓаните лично да ги поднесат документите и фактите, а согласно правилата, тоа е обврска на државата. Поради непознавање на новата технологија, тие ќе бидат избришани гласачи од Избирачкиот список, со што сериозно им се повредува правото на глас. Главниот проблем, според аналитичарите, е во државните институции коишто не можат да соработуваат, бидејќи не работат согласно ист закон, методологија, правилници и стандарди.
Откако не успеа во Скопје, Иванов реши да ги смирува лидерите во Рим
Шефот на државата Ѓорѓе Иванов откако го навлече гневот на македонските граѓани, со аболицијата на политичари и нивни соработници кои се дел од „бомбите“ на опозицијата и за кои СЈО води истражни постапки, се обидува да се промовира во јавноста, како претседател на сите граѓани. Сега, тој ги кани четворицата лидери на најголемите партии: Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, да присуствуваат на чинот на прогласувањето на Мајка Тереза за светица во Рим, на 4.септември годинава. А, овој гест бил со цел да ја помири и политички да ја обедини четворката лидери, кои се потписници на Договорот од Пржино. Засега потврда за присуство се чека само од Тачи.
Но, дали може да се верува во намерите на Иванов? Секој негов досегашен настап, вклучувајќи го и оној на празникот 2 Август во Пелинце, е со политички предзнак на владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Оваа вест е достапна и на: English