Неделна анализа: Предвремените избори во Македонија завршија, проблемите останаа!

Прегласувањето на избирачкото место 2011 во Општина Теарце, го заокружи изборниот процес за предвремените парламентарни избори, кои согласно со Договорот од Пржино, требаше да стават крај на долгогодишната политичка криза во Македонија. Но, резултатите од гласањето, 245 наспроти 149 гласови во корист на СДСМ и на коалицијата „За живот во Македонија“, во услови на излезност од 402 гласачи од вкупно евидентираните 714 граѓан(к)и со право на глас, не ја менуваат политичката констелација, во однос на освоените мандати во новото Собрание (ВМРО-ДПМНЕ - 51 и СДСМ - 49, ДУИ - 10, БЕСА - 5, ДПА - 2, и Алијанса за Албанците -3).

Останува дилемата, кој ќе го добие мандатот да формира нова влада, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ?! Имајќи го во вид фактот дека ниту една од двете партии т.е. коалиции, немаат доволен број пратеници да формираат влада, јасно е дека ќе следат нови турбуленции на трусната, македонска политичка сцена. Проблемите со изборите не само што не се решени, туку се и продлабочени.

 

И Теарце потврди: Македонија е далеку од фер и кредибилни избори!

Прегласувањето во Теарце е потврда дека Македонија и по 25 години независност, десетгодишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ и по двегодишни интензивни преговори на тркалезна маса со лидерите и на СДСМ, ДУИ и ДПА, со задолжително присуство и канализирање на активностите од посредниците од ЕУ и САД, всушност, е далеку од демократија, која има капацитет да спроведе, мирни, фер, демократски и кредибилни избори. Изборните резултати од прегласувањето во Теарце, 91: 87 во првиот круг, во корист на ВМРО-ДПМНЕ и 149:245 по прегласувањето, во корист на СДСМ; проблемите со дефектот на УВ ламбата, доцнењето на почетокот на гласањето и прекинот во текот на гласањето; потврдениот од МВР изборен поткуп на гласачи со високи суми од неколку стотици евра по глас; засиленото присуство на полициските единици на само едно избирачко место и на партиски војници од повеќе општини кои „маршираа“ со свои возила низ Теарце, за да ја стимулираат и контролираат апстиненцијата од гласање, во услови кога ВМРО-ДПМНЕ најави дека не ги признава судските одлуки..., покажуваат дека сé ова е македонски изборен фолклор, познат од многуте изминати изборни процеси.

Утврдените неправилности само на едно избирачко место каде се прегласуваше, упатуваат на размисла за тоа, колку и какви сé неправилности, спротивни на Изборниот законик, се случуваат на целата територија на Македонија?!  Според тоа, во Македонија, не се одржаа кредибилни избори, наспроти заложбите на Пржинскиот договор.

tearce-policija

 

ДИК не го прочисти ниту Избирачкиот список

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука да се реализираат предвремени избори, со Избирачки список, којшто доживеа хаварија, а не прочистување, на што впрочем, ЦИВИЛ - Центар за слобода предочуваше континуирано. Се работеше со месеци, беа реализирани кампањи, потрошени средства, на граѓаните им се презентираа податоци дека се работи посветено на решавање на овој проблем, еден од клучните предуслови за кредибилни избори.

Изборите изминаа, а стотици граѓани не успеаја да се најдат во Избирачкиот список. ИС беше полн со имиња на починати лица, со „фантоми“ коишто „живеат“ на непостоечки или на адреси од семејства, чии што реални станари и сопственици се избришани. Многу граѓани пријавите ги доставија и беа ажурирани од службите на ДИК, но многу, многу други граѓан(к)и во оваа земја, останаа обесправени. ЦИВИЛ ги предаде „на рака“ во просториите на ДИК, пријавите на многу обесправени граѓани, но...

Избирачкиот список ДИК го затвори, а своето уставно, законско право, сепак, не го остварија граѓан(к)и, меѓу нив и јавни личности, кои што беа избришани од непознати причини. Ова не беше целта на Договорот од Пржино.

 png-500x268-500x268

Специјалното јавно обвинителство сé уште се бори за продолжување на мандатот

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) формирано согласно со Договорот од Пржино, професионално и темелно работи на откривање на злоупотребите кои се дел од аферата „Прислушување“. Отворени се бројни кривични предмети, обвинети истакнати политичари од сé уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но, снимките од „бомбите“, не се доволен доказ за македонското судство!? Мандатот на СЈО не е продолжен, ниту пак е донесен законот за заштита на сведоци, што беше едно од клучните барања на ова тело, кое треба да ги расветли сите злоупотреби и кривични дела што изминативе 10 години ги извршувале политичарите од власта, нанесувајќи огромни штети на државниот буџет, осиромашувајќи ги граѓаните. Сепак, работата на СЈО дава надеж дека има надеж за доследна реализација на Пржинскиот договор .

kpo_2784-470x246

 

Заврши мониторингот на ад-хок телото, медиумите повторно во владин „колосек“

Ад-хок телото, формирано согласно со Пржинскиот договор, требаше да обезбеди балансирано информирање на јавноста за време на 100-те дена пред предвремените избори што се одржаа на 11-ти декември. Интенцијата беше ова регулаторно тело, во кое учествуваа по два члена, кадри избрани од најголемите политички партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а петтиот член - независен новинар, етнички Албанец, да даде видливи резултати во заробената медиумска сцена.

Изборите завршија, мониторингот заврши, но против ниеден медиум, не беше покрената прекршочна постапка! Со назначувањето на Санта Аргирова за уредник на Информативната програма на МРТВ (како предлог на СДСМ), всушност, беше постигнат благ напредок во поглед на балансираното информирање, но видливи промени во медиумската сцена не се случија.

јнјк

Треба ли нов договор за излез од кризата?

На крајот на овие избори, Македонија е повторно исправена пред уште поголем предизвик: ќе биде и натаму заробеник на веќе видените политики на досегашната власт или ќе отвори нова страница од демократијата, со политиките кои ветија и создадоа простор за граѓанскиот концепт?

Она што во овој момент е јасно е дека следи конститунирање на нов состав на Собранието, откако ДИК ќе ги достави уверенијата за пратеничките мандати до досегашниот претседател, Трајко Велјановски.

Моника Талеска 

Оваа вест е достапна и на: Albanian