НЕ за тортурата и насилството, ДА за човековите права и слободи

Меѓународниот ден за поддршка на жртвите на тортура од целиот свет се одбележува како потреба од едукација и подигање на јавната свест за сериозноста од последиците, но и преземање акции за спречување на тортурата и насилството.

Со цел поттикнување на жртвите на тортура да не бидат безгласни туку храбри и одлучни во борбата за своите права, но и во барањето одговорност од институциите во преземање мерки во борбата против насилството и нехуманоста, пред повеќе од 30 години Амнести Интернешнл ја започна кампања  #StopTorture.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани истовремено да бидат будни, а не  неми сведоци на насилството и тортурата.

Македонија, за жал, сѐ уште не може да се ослободи од стегите на насилството и кршењето на човековите права и слободи. ЦИВИЛ го осудува секој обид на поробување и поништување на човековите права и слободи преку секој облик на насилство.

Независно од општествените и политичките превирања во земјата, во последната година, сведоци сме на институционалната неефикасност која ги доведе децата да бидат жртви на сексуална злоупотреба и насилство, новинарите да бидат тепани при професионално извршување на нивната работа, граѓанките и граѓаните да бидат жртви на секој облик на психичка тортура во борбата за остварување на своите демократски права, затвори чија алармантна состојба сѐ уште не е надмината,  домови за деца без родители што ги принудуваат децата да бегаат од нив, говор на омраза, се мал дел на нотирани случаи што укажуваат на практиката на градење општество преку насилство, а во име на демократијата.

На 12 декември 1997 година, со резолуција 52/149, Генералното собрание на ОН го прогласи 26 јуни Меѓународниот ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или деградирачко постапување или казнување.

Тортурата е кривично дело според меѓународното право, што ги обврзува сите членови на меѓународната заедница, без разлика дали некоја држава ги ратификувала меѓународните договори, да се борат против систематското практикување на тортурата. Со тоа ние сите поединечно, но и заеднички сме одговорни за степенот на толерирање на нехуманоста и нечовечкиот однос и насилството.

Затоа да кажеме НЕ на тортурата и насилството и ДА на борбата за човековото достоинство и слободата во сите форми и облици.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish