Во екот на значајни политички настани во општеството, ЦИВИЛ продолжува со проектот Акција – Интеграција, посветен на демократските реформи, граѓанското учество, зелените иницијативи и европските вредности во Република Македонија. Средбите и јавните настани што се организираат со овој проект се неповторлива шанса сите засегнати структури и граѓанките и граѓаните активно да се вклучат во оваа значајна иницијатива.
По состаноците и работилниците во Штип, Велес и Скопје, ќе се одржат неколку настани под мотото „Каква Македонија сакам?“ во Куманово, Гостивар и во населените места и општини во тие региони. Главниот јавен настан во Куманово ќе се одржи во општинската сала во Комитет, утре, 23 август, со почеток во 13 часот. ЦИВИЛ ги поканува претставниците на локалната власт, невладините организации, политичките партии, локалните медиуми и дописништвата и сите заинтересирани граѓанки и граѓани, да учествуваат во разговорот за актуелни теми и настани, за социјалната и еколошката правда и други важни теми што се опфатени со проектот.
За тоа каква Македонија сакаат граѓанките и граѓаните на Гостивар, ќе се говори на јавниот настан во салата на Советот на Општина Гостивар, в петок, 24 август, со почеток во 12 часот. Својата поддршка за двата настани ја искажаа и градоначалниците Максим Димитриевски на Куманово и Арбен Таравари на Гостивар.
ЦИВИЛ го спроведува проектот Акција – Интеграција во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. На средбите што ќе се одржат во Гостивар и Куманово, учесничките и учесниците имаат можност да разменат мислења, ставови и информации за важните општествени и политички прашања, слободно и без ограничувања.
Паралелно со настаните во општинските објекти во двете општини, ќе се спроведат и видео анкети меѓу граѓанките и граѓаните на улиците на овие градови, како и во неколку други места во тие региони. Воедно, тимот на ЦИВИЛ ќе отвори и неколку инфо-штандови на истите локации, каде што ќе ги запознаат луѓето со проектот и ќе разговараат со нив за различните начини за граѓанското учество во донесувањето на одлуките на локално и национално ниво.
Тимот на ЦИВИЛ ќе биде достапен за поединечни средби и разговори и по завршувањето на настаните во Куманово и Гостивар.