Цивил продолжува со својата борба за правда и слобода за новинарот Томислав Кежаровски. Речиси две години трае голготата на новинар кој совесно, професионално и чесно ја вршеше својата должност и ја изнесуваше вистината во јавноста. Неговите „гревови“ се храброста и професионалноста – да ги разоткрие валканите игри на структурите на моќта и институциите.
Повеќе од симптоматично е што неговото спектакуларно апсење се однесува на текст напишан во 2008 година, а среде новинарска истрага за сомнителната погибија на сопственикот и главен уредник на неделникот Фокус, Никола Младенов. Текстот за кој Кежаровски е апсен, осуден и затворен се однесува на наводно заштитен сведок, што во пресудата мистериозно се преквалификува во загрозен сведок, а не бил ни едното ни другото.
Неволјата на новинарот Кежаровски и страдањето на неговото семејство се и наши! Лишувањето од слобода на нашиот сограѓанин и колега е лишување од слобода за сите нас.
Затоа, извикуваме: Ние сме Кежаровски! Слобода за Кежаровски!
Се придружуваме кон протестот против пресудата затвор на новинарот Кежаровски. Апелираме до сите наши членови, поддржувачи и соработници, сите граѓанки и граѓани, новинари, медиумски работници и активисти да излезат на протестот утре во 12 часот пред Апелациониот суд Скопје.
Борбата за слобода на Кежаровски е и на наша лична побуна во одбрана на слободата на изразување и медиумската слобода. Најостро ја осудуваме праксата на македонското судство во овој и низа други случаи. Ваквото судство грубо ги крши човековите права и слободи и основните принципи на демократијата.
Ние сме Кежаровски! Слобода за Кежаровски!
#JeSuisKezarovski! #Freedom4Kezarovski!
Оваа вест е достапна и на: Albanian