Вчерашната „герила“ акција на дел од активистките и активистите кои со пораката „Ние сме лудаци!“, делеа чоколади на демострантите на Шарената револуција и ја парафразираа познатата „изјава“ на Зоран Ставрески:„Немаме за леб, а трошиме за чоколади!“, пионите на власта, распоредени по медиумите и социјалните мрежи, веднаш ја нападнаа со говор на омраза и навреди.
Имено, фотографиите објавени на фејсбук профилот на ЦИВИЛ беа злоупотребени, а пораките спинувани на познат начин. Коментарите на хејтерите на социјалните мрежи, имаат очигледна цел, а воедно ги поттикнуваат фановите на овие профили во служба на власта на жестоки напади, полни со говор на омраза, крајно вулгарен и навредлив речник насочен против активистките и активистите кои единствено што направија е - цитирање на екс-министерот. Едно е јасно, Ставрески е тој што кажа: „Ние сме лудаци!“, опишувајќи ја аздисаноста и разузданоста на својот шеф Никола Груевски.
Да потсетиме, Ставрески зборуваше дека сака да му го тресне телефонот на Груевски од глава, кога ѝ се доверуваше на својата колешка, ексминистерката Гордана Јанкуловска, која поднесе оставка по контроверзната „мала војна“ во Куманово. Ставрески е тој што ѝ се исповедаше на својата колешка Јанкуловска дека „немаме за леб, а трошиме за чоколади!“ и ја откри тешката финансиска состојба во која се наоѓа Македонија. Ставрески и неговите колешки и колеги, ќе останат запаметени по нивната омраза против неистомислениците, по меѓусебната нетрпеливост и сплетките „на дворот“, како и по омразата која ја искажуваат против претставниците на меѓународната заедница.
„Ние сме лудаци!“ е цитат на изјава на Ставрески, а не парола со која ЦИВИЛ - Центар за слобода обвинува душевно болни лица?! Изјавата на Ставрески ќе остане запаметена во историјата на оваа земја и никаков спин, ниту говор на омраза, не можат тоа да го избришат. Ништо не може да ја скрие вистината за тешките злоупотреби, криминалот, насилството и грабежот.
И секако, ќе останат запаметени сите што ја извитоперуваат вистината и спинуваат на највалкан можен начин, криејќи се зад „онлајн бандите“ кои се ангажирани од штапските началници. Ќе бидат запаметени како пример за тоа како не треба човек да се однесува и како не треба да се злоупотребуваат социјалните мрежи, а уште повеќе, за тоа - како не треба да се злоупотребува професијата и професурата за да се докаже понизност и послушност кон осомничени за тешки недела.
ЦИВИЛ - Центар за слобода
Оваа вест е достапна и на: Albanian