Ќе никне ли нешто од „засадувањето на иднината“?

Триесеттти ноември 2016, среда, десет дена пред парлементарните избори, студен сончев ден: „Ден на дрвото“, засади ја својата иднина! Во Македонија, бесценета...

15107436_10211406099966183_5680945609295062999_n

Пишува: Маја Ивановска

Според сајтот на Владата на Република Македонија, само во периодот од 2008 до 2011 година, во Македонија се пошумени 12.236 хектари! Податоци за последните пет години - нема. Да не е тажно, ќе беше многу смешно...

Со планот за денешната акција, предвидено е да се засадат 2,6 милиони садници низ земјата. Од нив, околу 1,5 милиони садници предвидено е да се засадат во урбаните делови на Скопје. Оваа одлука е донесена откако урбаната мафија уништи бројни паркови и недобројни дрвја во градот, кој заедно со Битола и Тетово, води на европските листи за загаденост на воздухот.

На социјалните мрежи граѓаните жестоко реагираат или се подбиваат дека условите за садење се крајно неповолни. Со други зборови, ако воопшто бројките на садниците и на хектарите што ги наведува власта се точни, нивното садење на вакви временски услови е еднакво на уништување на садниците. Колку пари денеска ќе бидат залудно потрошени? Кој ќе одговара за фрлените пари за „милионите“ досега „засадени“ дрвца, или за навистина засадените, кои и се „фатија“, ама, потоа, нели, ги изедоа алчните кози, ги украдоа „неодговорните граѓани“, или се исушија или измрзнаа...? Само и само, за да се продолжи серијалот рекламни кампањи за „успесите“ на власта.

Нормално, до денес, сé уште не постои релевантен податок за успешноста на акциите за „Денот на дрвото“, за соодносот на потрошеното и навистина оствареното...

Статистиките покажуваат дека паралелно со зголемувањето на бројот на садниците, се зголемува и бројот на ПМ10 честички во воздухот во речиси сите поголеми градови во Македонија!? Се зголемува и бројот на пациенти со респираторни проблеми, особено на деца и постари лица. Шумите се сотрени, ридовите соголени, па последниве неколку години делови од Скопје и Тетово се соочуваат со поплави со катастрофални последици. Ама, нели, важно се сади, се гради, се... Таму некаде, во виртуелната Македонија, онаа, на актуелната власт.

До кога, вакви соголени, загадени и ограбени, ќе трпиме толкав јавашлак и толку проѕирни „акции“?

Print Friendly, PDF & Email