Вистински ризик во сообраќајот е патот што во должина од 6 километри се гради од селото Ропотово до соседното селото Лажани во Општина Долнени. Иако по 10 години, властите одлучиле првпат да интервенираат на оваа делница, патот што се гради е со широчина од само три наместо ветените пет метри, и со неквалитетни банкини...
Сега, височината на новиот асфалтен слој е преку 30 центиметри, старите банкини не се во функција, па наместо олеснување, новиот асфалтен слој на половина од патот е уште поголем ризик за безбедноста на патниците.
Со оваа инфраструктурна интервенција не е ублажена ниту црната точка, кривината од полни 90 степени на мостoт, каде што нема никако простор да се разминат две возила. Тоа е причина што последниве години токму овде се случиле бројни сообраќајни несреќи, излетале многу возила, а седум патници го загубиле животот! Но, како што велат мештаните, „на овие факти власта останува глува, па и новиот пат се гради со огромен ризик“. А, фреквенцијата на сообраќајот е голема, зашто патот води кон 10 населени места со околу 6.000 жители.
[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=9BZOdkSNCxs[/youtube]
Жителите велат дека нема кому да се пожалат и затоа се обраќаат до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, со надеж дека ќе се чуе нивниот глас и дека ќе се преземат мерки. Според нив, фирмата изведувач на градежните работи, деновиве ги повлекла машините, иако треба да се асфалтира и другата половина од патот.
Овој пат е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а министерот Владо Мисајловски (којшто тврдат жителите досега не бил во посета на селото), во своите изјави акцентираше дека новите инфраструктурни инвестиции на Владата се реализираат согласно со сите стандарди. Но, очигледно ова не е случај и со Долнени, општина која според мештаните, заборавена за какви и да е проекти на оваа Влада, изминатава деценија.
Во општина Долнени живеат околу 13.500 жители. Од нив, преку 4.870 или 35,9% се Македонци, а останатите над 8.500 жители се Албанци, Турци и Босанци.
Од 2013-та година, ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт која дотогаш беше во рацете на ДУИ. По повеќе прегласувања на одредени избирачки места на локалните избори, со тесна разлика ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во општина Долнени.
Текст и видео: Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian