Низ Балканот се шири мајтап за „успешните“ инвестиции на Груевски!

Српски „Курир“ под наслов „Каква сметка: Седум странски компании во Македонија, за седум години добиле 56 милиони евра помош од државата!“, пишува за „успесите“ на Владата на Никола Груевски во сферата на странските инвестиции, наведувајќи дека според Центарот за економски анализи, седум фирми кои работат во слободните индустриски зони, во период од седум години Владата ги честела со 56 милиони евра од граѓаните на Македонија!

Во текстот понатаму се вели:

„Помошта во државни субвенции во ослободувањето од даноци достигнува и до 47 отсто од висината на средствата кои тие странски компании вложиле во Македонија, велат македонските економисти.

‘Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во тие компании, тогаш, едно ново вработување чини 21.000 евра’, изјавила Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Според нејзините зборови, македонската економија, барем засега, не чувствува голема корист од странските инвестиции, но таа би можела да се интензивира во следните години. Учество на странските инвестиции во вкупниот извоз на Македонија изнесува 27 отсто, но додадената вредност која седумте странски компании од слободните зони му ја даваат на домашниот бруто производ, изнесува неполн еден процент! Компаниите од технолошките индустриски развојни зони, кои се извозно ориентирани, малку влијаат врз додадената вредност, зашто, истовремено, и го увезуваат најголемиот дел од инпутот.

Во анкетата на невладината организација ‘Децо’ во која учествувале 268 менаџери на македонски компании, најголемиот дел од нив се согласил со политиката на Владата за привлекување на странски инвестиции. Истовремено, над 70 проценти од македонските менаџери смета дека домашните фирми се дискриминирани во однос на странските, и дека очекуваат подеднаков третман. Просечната плата во компаниите во слободните зони е пониска од просекот на заработувачката на ниво на Македонија и изнесува 200 евра“, пишува српски „Курир“.