НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Македонија и натаму во партиско ропство

Остануваат уште 12 недели до 11 декември, утврдениот датум со последниот анекс на Договорот од Пржино, за предвремени и, според заложбите на опозицијата и меѓународната заедница кредибилни, фер и демократски избори, за надминување на политичката двегодишна криза што ја уништува Македонија. Но, десетгодишната пракса на власта како воопшто да не се менува.

Наместо 100 дена департизација на државата, лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој од почетокот на годината поднесе оставка од премиерската функција, многу јасно праќа порака дека тој раководи со Владата. Емил Димитриeв кој стана премиер на 18-ти јануари, оваа функција ја извршува формално, не и суштински, па неретко е само медиумски декор додека Груевски ги најавува божем капиталните проекти, кои ете, не успеал да ги реализира за изминатите 10 години владеење.

Во крајно подредена функција се и министрите од ВМРО-ДПМНЕ, дури и сега, откако е формирана техничка Влада, со министри и заменици од опозиционата СДСМ. И покрај декларативните заложби за оддвојување на власта и институциите, државата е во целосно партиско ропство.

SJO

Специјалното јавно обвинителство ја бранува јавноста

Уставноста на Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) не е на дневен ред на првата седница на Уставниот суд, закажана по одморите, на 28 септември, иако четирите најголеми политички партии го повикаа Судот да донесе одлука, што побрзо. Според последниот анекс на Договорот од Пржино, во случај Уставниот суд да одлучи дека Законот за СЈО или дел од него е неуставен, четирите партии се обврзуваат да го усогласот Законот со одлуката на Судот и повторно да ја формираат Канцеларијата во рок од 5 дена. Според Договорот „мора да се задржат ефикасноста, фокусот и целите на СЈО“.

Обвинителката Катица Јанева апелираше до законодавниот дом да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци. За СЈО овa се клучни измени, за да може оваа институција да навлезе во сржта на предметите за Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“. Од ДУИ декларативно велат дека ќе ја поддржат работата на СЈО, но првин да ја добијат иницијативата за тоа.

Судскиот процес „Пуч“ е одложен за први ноември, поради отсуство на еден од поротниците. Според опозицискиот лидер Зоран Заев, отсуството на поротник е само „покривање“ на главниот сведок, Никола Груевски, кој решил да не се појави во Судот.

Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева  изјави дека одложувањето за месец ипол е премногу, бидејќи осомничените се соочуваат со мерки за претпазливост и им е ограничена слободата. Според неа, неоправдано е и што Судот не дозволи новинарите да го следат рочиштето.

Во рок од 8 дена, Кривичниот суд е должен да закаже судење за првите две обвиненија кои по скратена постапка ги поднесе СЈО, а обвинителката Јанева вели дека е подготвена за судење. СЈО товари 21 лице. За првото обвинение, за уништување на докази за прислушувањето се обвинети 7 лица, а за второто обвинение коешто се однесува на нарачаното насилство врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски за време на седница на општинскиот Совет, кога се случи и протест пред Општината, се обвинети 14 лица, за кривично дело „насилство“.

protest MRTV Ajde!

Ад хок монитори или партиски лобисти

Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми, изврши мониторинг врз 18 радиодифузери во периодот од 2-ри до 11-ти септември. Извештаите се објавени на Интернет страницата на Агенција на 17 –ти септември, па детално низ призмата на ова регулаторно тело може да се добие информација, како македонските медиуми известувале во своите информативни програми. Експертите се уште не излегоа со ставови и коментари за овој извештај.

Од друга страна, се отвораат прашањата колку Привремената комисија досега ја подобри работата и обезбеди балансирност при информирањето и колку придонесува за пренесување на објективна слика на граѓан(к)ите за настаните во периодот до избори?

На медиумската сцена, дел од националните, провладини медиуми и натаму го задржуваат негативниот тон во своите осврти и коментари насочени против опозицијата и СЈО. Па, се добива впечаток дека ништо значајно не е сменето ни со формирање на Привремената комисија за медиумски мониторинг.

Во ова ад хок тело има и член, кој на својот Фејсбук профил отворено и жестоко ја критикува опозицијата и одредени медиуми. Медиумските експерти треба да го кажат својот став - колку е етички и согласно со новинарскиот кодекс, ваквиот начин на практицирање на 100-дневната функција во ад хок телото за медиумска регулација кое треба да гарантира балансираност и да го врати објективното новинарство на медиумската сцена барем во оваа временска рамка до избори.

По Груевски и Заев во трка по изборни гласови?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, познат по својот популистички настап, во актерски стил со мобилниот телефон во рака се расфрла со решенија за сите, баш сите проблеми на граѓан(к)ите во Македонија. Во битката за освојување гласови, тој овој пат најавува нови вработувања, инфраструктурни проекти, бесплатен железнички превоз за младите, стипендии за студентите... Притоа, добро им демонстрира на своите сопартијци од власта кој е „главен“. Тој дава изјави на медиумскиот фронт, а министрите и градоначалниците во подредена улога, му го чуваат грбот. И со право, зашто ова е Македонија, овде политичарите се ослободени од моралната димензија на својата функција. Затоа Груевски и практично раководи со државата, како со свој пашалак, иако е дел од предметите, кои упатуваат на негова инволвираност во кривични дела што произлегуваат од аферата „Прислушување“.

Лидерот на СДСМ, Заев пак, со отворени амбиции за иден премиер на државата, наместо да демонстрира политички стил за пример, почна да применува популистички методи. Откако партијата ангажираше еден новинар (Мухамед Зекири), а водителка (Нора Шакири) се пожали дека не е вработена, Заев преку Фејсбук и испрати покана за кафе-средба, за да се договорат и за нејзино „вдомување“.

Популизмот е својствен за Груевски, граѓан(к)ите со критичка призма лесно го препознаваат и затоа сакаат да се ослободат од ваквите политики, во потрага по реални реформи кои ќе се засноваат на квалитет и стандарди. Затоа, нејасно е зошто и Заев, кој реално застана на браникот на криминалот и корупцијата, избира ист метод за освојување гласови?

Заев неделава, изрази цврсти уверувања дека изборите ќе го задоволат минимумот критериуми за фер трка, а најави и оспорување на мандатот на претседателот Ѓорге Иванов, доколку СДСМ ја извојува изборната победа.

Моника Талеска