Македонија, на 13 дена до предвремените парламентарни избори, кои што треба да стават крај на политичката криза, живее во загадена клима како последица на нискиот животен стандард, но уште поконтамиринa политичка реалност како резултат на ниското ниво на политичка култура и силни влијанија на центрите на моќ, олицетворени во актерите на владејачките партии. Па, предизборието го карактеризираат изборни нерегуларности, закани и притисоци врз електоратот.
Изборна кампања со низок степен на политичка култура
Едно лице, учесник на митингот во Охрид загина во сообраќајна несреќа, неколку се мета на физичко и многу други на вербално насилство, во оваа изборна кампања. Со цел да се обезбеди масовно присуство на митинзите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се вршат силни притисоци врз државната администрација, врз волонтери кои чекаат да им се продолжат договорите за работа, или да склучат првични договори... ова се одликите на предизборите.
Невладината ЦИВИЛ само за една недела евидентираше над 70 случаи на изборни нерегуларности од набљудувачите на терен и околу 100 пријави од граѓанки и граѓани за предвремено започнување на изборната кампања, за злоупотреба на државните ресурси, на малолетници,евидентираше случаи на корупција ...
Државната изборна комисија нема механизми за бришење на „фантомите“
Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница треба да го потпише Избирачкиот список и изборниот материјал да го предаде на општинските изборни комисии согласно со роковите од Изборниот законик.
Но, Избирачкиот список иако помина неколку филтри, во кои покрај граѓан(к)ите свои забелешки доставуваа и политичките партии, остана непрочистен. Според последните објави на ДИК, Избирачкиот список брои 1.784. 524 гласачи. Меѓутоа според пријавите на граѓани само во општина Ресен, од вкупно 17.011 гласачи, околу 1000 гласачи во ИС се „фантоми“.
ДИК не одговара ниту на барањата на ЦИВИЛ, ниту на претставките на граѓан(к)ите. Наместо транспарентност,овој државен орган се одликува со речиси херметичка затвореност, иако има витално значење за кредибилитетот на овие вонредни парламетарни избори, кои што треба да стават крај на долгогодишната политичка криза во државата.
Во ек на изборната кампања, интензивирана работата на СЈО
Одложено е судењето за случајот „Тврдина2“ во кој Специјалното јавно обвинителство (СЈО) обвини седуммина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за противзаконско уништување на документи, 2.047 службени списи од незаконското прислушување. Следното рочиште е закажано за 17-ти јануари, затоа што според одбраната и судијката,СЈО немало дозвола од УБК да ги употребува класифицираните докази во судска постапка.Според СЈО,со ова се доведуваат во прашање и останатите постапки на Судот, во кои класифицираните докази не биле декласифицирани. Првообвинет во случајот е поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујовски. Судењето го води судијката Лидија Петровска, за која СЈО бараше изземање поради нејзиното спомнување во таканаречените „бомби“, коишто минатата година ги објави Зоран Заев, лидерот на опозиционата СДСМ.
СЈО од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал побара предметот „Сопот“, да го преземе во своја надлежност.Претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски потврди дека добил обемно барање, што ќе го разгледа наредниот период, но посочи дека предметот што го бара СЈО се случил одамна.
СЈО достави ново барање до Кривичен суд за добивање судска наредба за претрес во телекомуникациски оператор, од кого недостасуваат податоци за истрагата во случајот „Таргет“.
Наместо балансирано, пристрасно медиумско известување
Медиумската сфера и натаму е одраз на политичкото влијание на владејачките партии. Провладините медиуми продолжуваат со досегашната практика на фаворизирање на активностите на власта и политички маркетинг на владејачката партија, а друтите медиуми коишто се обидуваат да задржат балансиран пристап во информирањето, се спречени зашто ВМРО-ДПМНЕ одбива да учествува во дебати.
Првата недела на предизборната кампања во медиумите, според прелиминарните наоди на ЦИВИЛ-Центар за слобода се тажен и брутален одраз на реалноста во која се наоѓа македонското општество, вклучувајќи го и начинот на којшто, тоа се обидува да ја разреши политичката и општествена криза низ овој изборен процес во Република Македонија, кој многумина и меѓу самите политички актери го сметаат, можеби за најважен во нејзината историја.
Во борбата за минимум услови за одржување кредибилни избори, наместо за вистински изборен натпревар во кој медиумите служат како платформа за соочување и анализирање на политичката понуда, медиумите, во ова поларизирано општество по политички, етнички, верски и други основи, се далеку од тоа, да бидат на нивото на задачата, да останат чувари на демократијата и јавниот интерес.
Работата на Привремената комисија за следење на работата на медиумите за време на изборниот процес и АВМУ успеваат само малку да ги ублажат ефектите на повеќегодишното поклопување на медиумскиот простор од страна на центрите на моќ, главно од оние блиски до владејачките партии. Забележливо е сепак, дека во програмите на радиодифузерите, за разлика од порано, има повеќе простор за опозицијата.
Европратениците ја скенираат предизборна Македонија
Тројцата европратеници Едуард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн минатата недела ја скенираа состојбата во Македонија, во пресрет на предвремените парламентарни избори. Според нивните оценки, политичките партии се подготвени за фер и транспарентна трка, а изборите ќе можат да се одвиваат во атмосфера на доверба и транспарентност. Сметаат дека постои дух на соработка помеѓу двете главни партии и нивните лидери за избегнување инциденти за време на изборната кампања. Тие најавија повторно доаѓање во Македонија, по завршување на изборите, кога треба да се признаат резултатите, за да продолжат реформите дефинирани во пржинскиот Договор. Едновремено европратениците го акцентираа интересот и изразија поддршка за Специјалното јавно обвинителство.
Во посета на Македонија е и австрискиот дипломат, Себастијан Курц, којшто по средбата со македонскиот колега, Никола Попоски, изјави дека „спроведувањето на слободни и фер избори, заедно со имплементација на итните реформски приоритети, ќе овозможат Македонија да се врати на патот, кој ќе ја води кон отворање на преговори за членство во ЕУ“.
Неговото присуство на синоќешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, и беше оценето како отворено лобирање за владејачката партија во време на избори. Но, за Курц нема ништо спорно. Тој присуствувал на митингот, како член на Европската народна партија.
Моника Талеска