НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Политичарите се пред тест!

Денеска во Македонија започна изборната кампања за предвремените парламентарни избори, закажани за 11-ти декември. За три недели ќе се избира нова влада. Изборите за граѓан(к)ите и земјата имаат историска важност, речиси иста, како и референдумот за независност во 1991 година.

Изборите треба да стават крај на долготрајната политичка криза во земјата, која кулминираше со објавување на „бомбите“ од опозициониот лидер, Зоран Заев, во фебруари, минатата година. Обидите на меѓународната заедница, со демократски средства да ја излече земјата од кризата и повторно да ја врати на патот на евроатланските интеграции, резултираа со потпишување на Договорот во Пржино. Подоцна, лидерите на четирите највлијателни партии на македонската политичка сцена од референдумот до денес, од македонскиот блок: Зоран Заев (СДСМ) и Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) и од албанскиот блок: Али Ахмети (ДУИ) и Менхуд Тачи (ДПА), потпишаа и анекс на Договорот, според кој, на 11-ти декември ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

Изборите треба да стават на крај на злоупотребите на власта и на кривичните дела, коишто се предмет на истражни и судски постапки  кои произлегуваат од работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да отворат нова страница на македонската демократија.

Партиите предвреме ја започнаа изборната кампања

Главните политички партии, потписнички на Договорот од Пржино, ја започнаа изборната кампања предвреме, иако според Изборниот законик започнува денеска. Политичарите и тоа, и оние кои претендираат да ја задржат власта и оние кои настојуваат да ја освојат власта, остваруваа средби со граѓани, одржуваа прес-конференции на кои се промовираа партиските програми, беа лепени рекламни изборни материјали со кандидати за пратеници, со директно прекршување на Изборниот законик.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, во тој контекст, бара од политичките субјекти, партиципиенти во изборниот процес, доследно почитување на законската регулатива, а за секое констатирано прекршување, ќе ја информира јавноста.

Претставниците на партиите, вчера го потпишаа Кодексот за спроведување фер и демократски избори, не чекајќи го поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој пак, по вообичаеното 15-минутно доцнење, сам го потпиша Кодексот, со што се обврза, во име на партијата и на колаицијата, овие вонредни парламентарни избори, да се спроведат фер и демократски.  И според опозициониот лидер Зоран Заев, изборите ќе бидат регуларни, но дали ќе бидат фер и демократски, тоа зависи од однесувањето на владејачката партија и власта.

Денеска и утре, во Македонија ќе присуствува шестчлена делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Таа ќе направи проценка на политичката клима и изборната кампања пред предвремените парламентарни избори. Претставниците на ПС на Советот на Европа, ќе се сретнат со претставници на политички партии, ДИК, СЈО, дипломатскиот кор и на цивилниот ресор во Македонија.

Cicakovski

Александар Чичаковски, претседател на Државна изборна комисија

За новата влада може да гласаат 1.784.524 граѓан(к)и

Според, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, демократскиот развој на општеството, зависи од избори кои ги почитуваат принципите на демократијата, а нерегуларните избори го загрозуваат правото на глас. По „чистењето“ на Избирачкиот список од т.н. „фантоми“ сега со право на глас за овие избори, се евидентирани 1. 784.524 граѓан(к)и.

Но, иако роковите за регулирање на аномалиите во Избирачкито список изминаа и Македонија се наоѓа на прагот на изборите, сепак, голем е бројот на „фантомите“. Во ЦИВИЛ секојдневно се обраќаат граѓан(к)и од сите страни на  Македонија, кои пријавуваат дека во нивните домови, на нивните домашни адреси и по бројните пријави до ДИК, и по затворање на Избирачкиот список, сепак, има „фантоми“. Според одредени пријави, има населени места во државата, каде што бројот на фантомите е дури четвртина од вкупниот број жители! За ваквите случаи, ЦИВИЛ и покрај инсистирањата, не доби ниту еден одговор од ДИК.

Опозицијата смета дека со прочистувањето на спискот, бројот на фантоми нема значително да влијае врз изборните резултати.

Дека состојбата на ИС не е на завидно ниво, потврдуваат и пријавите до ДИК, коишто ги поднесоа граѓан(к)и, кои се избришани од списокот, иако меѓу нив, има и личности од јавниот живот, што никогаш не ја смениле адресата на живеење.

Од денеска, во канцеларијата на Народниот правобранител, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право, на бесплатната телефонска линија 0800 54321, којашто ќе функционира од 8 до 16 часот секој ден.

Вистинска плурална демократија не може да се постигне, само со нејзино декларативно прогласување, туку таа првенствено, бара одговорност и отчетност на сите, а особено на извршната власт, акцентираа од канцеларијата на Народниот правобранител.

img_6520

Прес-конференција на СЈО, 18.11.2016

Специјалното јавно обвинителство ги таргетираше „прислушувачите“

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наспроти почетокот на изборната кампања, ја обелодени последната истрага, случајот „Таргет“, што се однесува на креаторите и на главните актери во аферата „Прислушување“. СЈО поднесе пријави против 10 лица, меѓу нив и поранешни раководни кадри на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), директно обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување“, коишто ја загрозиле приватноста и бизнис интереси на неколку илјади граѓан(к)и со прислушување на 5.827 телефонски линии, во периодот од 2008-та до 2015-та година. Незаконското прислушување е извршено преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, притоа, повредувајќи ги човековите права и слободи на илјадниците граѓани.

Незаконски биле прислушувани политичари, новинари, бизнисмени..., членови на владејачката партија и на опозицијата, актуелни и поранешни политички фигури, со исклучок на лидерот и експремиер, Никола Груевски, чии телефонски линии не биле мета на „прислушувачите“.

Биснизмените и новинарите најавија тужби и ќе бараат отштета за повредата на правата и интересите. Според некои проценки, незаконското прислушување ќе ја чини државата од 30 до 300 милиони евра, отштета што ќе треба да им ја исплати на оштетените граѓан(к)и.

Случајот „Таргет“ во македонската јавност предизвика бура од реакции. Сомнежите на граѓаните растат, и одат дотаму што некои се сомневаат дека оваа владејачка структура се уште ги следи и ќе ги следи нивните чекори до избори.

mediumi

Медиумите имаат значајна улога во изборниот процес

За фер, демократски, кредибилни избори, голема улога ќе имаат и македонските медиуми. Ад хок телото, орган формиран согласно со Договорот од Пржино, и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ја мониторираат работата на медиумите, особено од аспект на балансирано известување и почитување на Изборниот законик во делот на покривање на изборната кампања и следење на изборниот процес.

Во тој контекст се огласи и Советот за етика во медиумите (СЕММ) со апели за целосна професионална одговорност во новинарството, промовирање на партиципаторен политички процес и континуиран пристап на јавноста до релевантни и веродостојни информации во врска со почетокот на изборната кампања. СЕММ ја акцентира потребата од урамнотежено и коректно известување со цел на јавноста да ѝ се овозможи да го разбере и да учествува во политичкиот процес.

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian