Нека запомнат полицајците

Пишува: Џабир Дерала

„Кој тоа учи во 11 навечер?!“ Нека го запомнат ова прашање полицајците на Македонија. Нека го запомнат, не само затоа што е епски тапоглаво, туку затоа што е поставено во миг кога нивните колеги, во полна воена опрема, нападнаа млади, невооружени луѓе кои не се бранеле, ниту имале за што да се бранат.

И додека тепале и навредувале, овие разбојници под униформа, изгазиле по сѐ што може да се замисли како сопствено достоинство. Да, освен студентите кои биле тепани, навредувани, понижувани и трауматизирани во текот на дивеењето во библиотеката, жртви биле и гордоста и достоинството на сите полицајци во оваа земја. Оние кои не сакаат да бидат „човечиња“.

studentite ucat i noke (L)

Да, студентите учат и ноќе!

 

Познавам многумина полицајци, а некои од нив ми се многу добри другарки и другари. И нема да заборавам со каков ентузијазам и искреност се посветиле на должноста да му служат на граѓанинот и да ги штитат законите и уставниот поредок на Македонија, што значи, да ги штитат човековите права и слободи на своите сограѓан(к)и, по секоја цена.

Знам, волонтерски учествував во многу средби и активности на нивниот проект „Побликсу до народот“. Тоа беше време кога оваа полиција сакаше да ја стекне довербата на народот, да воспостави соработка и заедно со народот да се грижи за безбедноста и сигурноста. Многу денови и часови минав за да им помогнам да ја стекнат довербата кај граѓан(к)ите. Време кога полицијата беше наша, а не милитантна солдатеска составена од „човечиња“ кои штитат криминалци и самите се однесуваат криминално. Време кога полицајците не упаѓаа во библиотека да тепаат и прашуваат „Кој тоа учи во 11 навечер?!“.

Нека запомнат полицајците на Македонија, дека полицијата овие денови никогаш не била толку далеку од народот. Дека се однесува како разбојничка банда која украла униформи. Дека спроведува тајни и црни планови на клика која нема уште долго да биде на командните позиции. Нека запомнат полицајците дека скоро ќе дојде денот кога ќе одговараат за спроведување противуставни наредби. Тоа е тежок престап. Не учењето во 11 навечер. Нека запомнат полицајците.