На денешната конференција на тема „Слободни избори 2016“, која ја организираше ЦИВИЛ-Центар за слобода, од експертите и претставниците на политичките партии, во два иполчасовната дебата, беа изнесени бројни примери за неподготвеноста на ДИК за фер и слободни избори, за злоупотребите на јавните ресурси и на моќта, поради партизацијата на државата и на институциите на системот, за неопходноста од надминување на долгогодишната криза, преку почитување на волјата на граѓаните...
Во присуство на лидери и репрезенти на политички партии и коалиции, учесници на предвремените парламентарни избори, на претставници на невладиниот сектор и на медиумите, германската амбасадорка, д-р Кристине Алтхаузер, која ја отвори конференцијата, порача дека Македонија треба да се врати на вистинскиот пат.
„Многу е важно државата да се врати на вистинскиот пат. Секогаш се потребни две страни, за размена, дебата, дискурс, дискусија, како ферментирачка дискусија на доброто општество“, рече германската амбасадорка Алтхаузер, на почетокот на двоиполчасовната плодна дебата фокусирана на претстојните избори, закажани за 11 декември.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала посочи дека од јуни минатата година, 300 набљудувачи на организацијата, будно ја следат состојбата во Македонија.
„Работата на ДИК не го даде очекуваниот резултат, наспроти зајакнатите ресурси. Граѓанките и граѓаните не стекнаа доволно доверба во Избирачкиот список. 'Фантомите' не си заминаа и за тоа сведочат стотици случаи. Од 10-ти ноември, кога објавивме дека имаме над 200 случаи, имаме над 100 нови пријави за исто толку случаи на 'фантоми', зашто граѓаните, немајќи каде да реагираат, се јавуваат во ЦИВИЛ. Продолжува злоупотребата на јавните ресурси, на моќта... И натаму не постои поделба меѓу партијата и државата. За сите овие злоупотреби, ЦИВИЛ располага со докази, мејлови, скриншотови, зашто сознанијата не ги темели на обични озборувања на тротоарите, туку на реалност со факти и бројки“, посочи Дерала, кој беше модератор ја конференцијата.
Со свои ставови, на конференцијата учествуваа експертите на ЦИВИЛ, Сандра Гавриловска и Александар Новакоски и преку видео-изјава, д-р Сашо Орданоски.
Во рамки на конференцијата, свои излагања имаа Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, Ивон Величковски од ЛП, лидерот на Унитети, Гзим Острени, како претставник и на Алијанса на Албанците, Мила Царовска од СДСМ, Лилјана Поповска од ДОМ, Самка Ибраимоски од Партијата за целосна еманципација на Ромите и Глигор Стојменов од Коалиција за промени и правда.
М. Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian