Самохраните мајки се одбележани како несреќни. Отсекогаш. Во филмовите тие често се претставувани како необразувани и измачени жени кои работат како келнерки, стриптизерки или чистачки. Инфериорни поради тоа што немаат маж до себе. Полесно е да го отфрлиш постоењето на ваков тип на луѓе, отколку да бараш причина - зошто избрале да живеат така? Очигледно, за многу луѓе негирањето е решение на проблемот.
Да, проблем е едно дете да не живее со двајца родители, но зошто неговата мајка треба да биде негативен херој?! И зошто, ако веќе направила грешка во изборот на партнер, задолжително треба да е и измачена или недоволно образована. Не се лажете! Тоа не е лицето на сите нас, кои сме решиле да продолжиме сами.
Да даруваш живот е вокација и Божји дар. Тоа е избор, кој те прави вистински жена. А да си самохрана мајка е - оксиморон. Бидејќи не може истовремено да си мајка и да бидеш сама!
Нашите лица се многу различни, различни се и нашите професии, но сите ние сме борбени и неверојатни среќнички. Во многу случаи сме поуспешни, попробивни и поадаптивни од не-самохраните мајки.
За да им дадеме поцелосен живот на децата и да им го надоместиме отсуството на другиот родител, подготвени сме и на невозможното, но не и на одлуката да ја наведнеме главата и да го жртвуваме достоинството. Веќе знаеме колку е тешко потоа да се исправиш...
Затоа, ве молиме престанете да не гледате со влажни очи, ние немаме потреба од вашето сожалување. Ние, исто така, не престануваме да сонуваме, да се смееме и да сакаме. Веќе сме убедени во тоа дека можеш да ги сакаш другите, само доколку се сакаш самиот себеси. И го правиме тоа секој ден, од моментот кога сме решиле да продолжиме сами. Имаме свои тајни, страсти и различни карактери. Но, тоа не се само наши квалитети, туку на сите луѓе.
Не се срамиме од тоа што детето го носи нашето презиме. Бидејќи знаеме дека сме благословени.
Бидејќи сме мајки!
ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.
Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.
Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.