НМХТ: На 17 мај 2015 знамето со виножито за првпат гордо се вееше на политички настан во Македонија!

Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата  - НМХТ денеска го одржа Третото редовно собрание, на кое беше презентиран Извештајот за работењето на мрежата за 2015-та година, на кое  се поведе разговор за изработка на годишен план на активности, а се дискутираше и за предлог промени на Етичкиот кодекс и Статутот на националната мрежа.

Дел од фокусот на состанокот беше посветен на проширување на мрежата на поддржувачи. Драгана Дрндаревска од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ ги повика граѓаните и граѓанките на Македонија да земат активно учество во поддршка на ЛГБТ заедницата преку приклучување во мрежата на активисти: „Ние имаме голема мрежа на поддржувачи, но сме отворени за сите кои ќе сакаат да соработуваат со националната мрежа, тие индивидуи или организации, можат да ни испратат мејл на [email protected], во кој изразуваат интерес за активностите на мрежата  и на тој начин да придонесат во заштитата на правата на ЛГБТ заедницата во Македонија.“

dbd83e48-c13d-4092-949b-84d6a8fbc202

Мисијата на НМХТ е унапредување на правниот систем кој ќе овозможи почитување и заштита на основните човекови права на сексуалните и родовите малцински групи. НМХТ ќе се посвети на развивање на субкултурни практики и вредности на сексуалните и родовите малцинства и нивно мобилизирање за политичка борба за сексуална и родова еднаквост.

Во однос на изминатите активности на НМХТ, Биљана Гиновска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, изјави дека навистина се гордеат што беа дел од големите протести на 17-ти мај 2015-та: „На тие протести имавме знаме со виножито, кое за првпат, гордо се вееше на политички настан. Имавме организации со различни идеологии тој ден, но не дозволивме тоа да не разедини како мрежа. Тоа е само доказ дека без разлика на политиката во државата ние стоиме цврсто во одбрана на правата на ЛГБТ заедницата“

Во Националната мрежа учествуваат повеќе организации кои се борат за човекови права меѓу кои и МОФ, Студентска организација „Излез“, ХЕРА, Акција Здруженска, Заедно Посилни, ЕСЕ, Стар-Стар, Тиит.инк, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ЕГАЛ, ЛГБТ Јунајтед Тетово, ЛГБТИ Центар за поддршка, Цивил – Центар за слобода.