Македонија сé уште е исправена пред неизвесноста за резултатот од коалициските комбинаторики кои се прават за формирање на новата влада.
Демократската унија за интеграција, по синоќешната седница на Централното претседателство, ги соопшти условите од кои нема да отстапи во преговорите за формирање на нова влада. Еден од условите е продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.
Експертите велат дека токму овој услов на ДУИ, за продолжувањето на мандатот на СЈО, е поставен со цел да не биде прифатен од ВМРО-ДПМНЕ, и со тоа да не се формира влада од досегашните коалициони партнери. Од ДУИ посочија дека барањето е со цел да се расветлат сите сомнежи кои произлегуваат од скандалот со прислушувањето.
Другите барања утврдени на синоќешната седница на Централното претседателство на партијата се однесуваат на рамноправна употреба на албанскиот јазик и на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Од ДУИ посочија и дека немаат префериран партнер во македонскиот политички блок.
По поставувањето на условите на ДУИ, денес со соопштение се огласи и ВМРО ДПМНЕ.
„Независно на исходот околу составување влада во следниот период, независно дали ќе се формира нова Влада и кој ќе ја формира, што и да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 'За подобра Македонија' нема да преговара, ниту пак, ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, по денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, и ДУИ одговори со изјава во која се оценува дека „употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно“.
Во рамки на панел-дискусијата „Обезглавена Македонија“, која денеска ја организираше ЦИВИЛ–Центар за слобода, панелистите дадоа свои кратки коментари на вербалните престрелки што овие неколку дена се случуваат меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Професорот д-р Сашо Орданоски, експерт на ЦИВИЛ-Центар за слобода и политички аналитичар, беше дециден дека се согласува со ставот на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО.
„Мислам дека Катица Јанева треба веднаш да стане редовен обвинител на Република Македонија. Македонскиот Кривичен закон изобилува со доволно референци по коишто, овие луѓе може да се апсат по нормален закон. Така што, Катица Јанева треба уште веднаш да стане Марко Зврлевски, и конечно да прејдеме на нормално функционирање. Ако тоа не се случи, тогаш е потребно продолжување на мандатот на СЈО. И второ, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за некакви идни избори. Мора да го разбереме ова што тие го прават. Тие немаат друга платформа, освен да се вратат на национализам... Сите други нивни платформи се распаднати! Економските резултати им се очајни. И тоа, на ниво на сé уште неосознаена стварност, кога ќе влезе нова влада таму. Кога ќе се влезе во министерствата, ние ќе ги видиме вистинските дупки. Социјалната програма им се распадна, економската програма им се распадна, политичката програма комплетно им се распадна, меѓународната позиција е распадната... Единствено што им останува е враќање на националистичките позиции“.
„Трошат време и гледаат да преживеат, уште година-две, за што имаат добри шанси, бидејќи тие во суштина не се посготвени да го сменат раководството. Кога ВМРО-ДПМНЕ би било подготвено да донесе ново раководство, таа партија би продолжила да биде важен фактор. Вака, заложник е на една криминална структура која сé ова ќе ни го приредува. И се подготвуваат во Македонија да предизвикаат сé понередовна ситуација, за да можат да издржат до некои наредни избори каде што се надеваат дека повторно - темата ќе биде национализам. Јас мислам дека тоа е завршена приказна и мислам дека дури и тие се свесни, и во овие соопштенија, дека тоа е завршена приказна, ама пак, нешто мора да прават“ вели Сашо Орданоски.
Д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, се согласи со Орданоски:
„Јас ги разбирам и ВМРО-ДПМНЕ, имаат еден избор, а тоа е да купуваат време за да не одат во затвор и тоа е сé. Ги прават сите можни комбинаторики и најмногу ќе играат на картата на национализмот. Ама, другите не ги разбирам. Мислам дека сме малку повеќе оптимисти, кога го очекуваме тој конечен крај на оваа и ваква власт, дека ќе си заминат така лесно и ќе се распаднат како кула од карти, бидејќи тоа е една таква машинерија којашто функционира а покажува дека добро функционира и тогаш кога раководството е тотално нерационално и неразумно, како што покажува и денешната изјава. За тоа, треба да се биде подготвен. СДСМ апсолутно треба да биде подготвен“.
Аналитичарот и колумнист, Рамадан Рамадани, по повод соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, изјави:
„Јас немам коментар на соопштението. Гледам дека ова е третата или четврта нивна капитулација. Се надевам дека од утре нема да заборавиме дека повторно капитулираа, како што беше пред ДИК, како што беше на средбата со американскиот амбасадор, како што беше по изборите... Мислам дека е веќе јасно. Па, ќе видиме. Гледам и денес, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ изобилува со 'центри' и 'надворешни фактори', па мислам дека треба да се објасни уште еднаш, од каде доаѓа поривот за вакви приказни, спинови и конспирации. Имено, Груевски никако не може да разбере дека е декласиран од еден човек кој дошол од таму некаде, во Скопје, и го победил! И од луѓе како Албанците, кои ја направиле таа, потребната ефективна разлика во гласови на последните избори. Тој го смета Заев за 'некој селанец од Муртино', а Албанците за 'племе', 'Шиптаришта' и 'Индијанци'“.
М. Ивановска
Оваа вест е достапна и на: English