Новакоски: Граѓаните недоволно информирани пред големата одлука

Демократијата е никогаш незавршена работа. Секоја политичка структура смета дека вовела најголема демократија и дека ги почитува сите слободи и права на граѓаните. Нема пример  во историјата одредена политичка структура да признае дека е избрана на недемократски избори, дека не се почитувале изборните стандарди.

Александар Новакоски

Посебно во земјите кои се соочуваат со проблеми од економската природа со недостаток на социјална правда, проблеми со поделба на власта, законодавна, извршна и судска. Сите земји кои подолг период се борат да пристапат во Европската унија, а се попречени од низа внатрешни и надворешни фактори, изговорот за непристапување го  наоѓаат во надворешен фактор, но потсвесно и не се баш најсреќни што тој процес се одолговлекува, бидејќи тој период безмилосно го користат да воспостават систем кој на изглед е демократски, но во длабоките корени е креиран да воспостави контрола на сите сегменти на општеството. Хоризонтално да има влијание, како во цивилниот сектор, така и во медиумите и во сите сфери на живеење, а вертикално да влијае во системот на независните институции и да не ја почитува поделбата на власта, да не се креира независна законодавна власт, судска и со тоа државата која е на врв на пирамидата не може да создаде професионални и независни институции.

Политичките структури кои креираат нефункционален систем во кој корупцијата го  разорува општеството, на начин што одредени кругови создаваат импозантни богатства на грбот на граѓаните во една од најсиромашните држави на тлото на Европа, со ЕУ интеграцијата и НАТО ќе се соочат со хендикеп и истите ќе бидат маргинализирани.

Почитување на стандардите на ЕУ и НАТО во областите кои создаваат здрава основа за здраво општество, ги исфрла од игра неспособните, создава здрав амбиент, креира независно судство, професионални тела и професионална администрација која ќе го понесе товарот кон постепено отстранување на канцерогеното ткиво и заздравување на општеството и државата до конечно остварување на стратешките цели и напредок.

„Политичките граници настанале како плод на значајни историски и етнички развои, на долготрајни напори за национална унификација. Не можеме ни да помислиме да ги избришеме. Во некои други времиња, тие се поместуваа со силни освојувачки походи или со бракови од корист. Денес, доволно е да се обезвреднат. Нашите граници во Европа ќе треба сѐ помалку да бидат пречка во размената на идеи, луѓе и добра. Чувството на солидарност меѓу народите ќе ги победи во иднина надминатите национализми. Нивна заслуга е што државите се стекнаа со традиција и со цврста внатрешна структура. Врз поранешните основи треба да се подигне нова градба над националното ќе се потпира врз национални темели. Така, не ќе постои никакво одрекување од стварното минато, туку ќе дојде до нов процут на национални енергии, преку нивно заедничко впрегнување во служба на наднационалната заедница. Целта не е државите да се спојат, да се создаде супер држава. Нашите европски држави се историска реалност и психолошки би било невозможно тие да исчезнат. Нивната различност е дури и многу среќна околност и ние не сакаме ни да ги израмнуваме, ни да ги изедначуваме“ (Роберт Шуман- Министер за надворешни работи во француска влада  еден од основачите на европското обединување.)

Во овој контекст, не може да не се спомене борбата против корупцијата која го разорува македонското општество по сите шавови, како онаа ендемска, така и секојдневната која не е спречена ниту намалена. Тоа не може да се спречи само со процесирање на крупни корупциски афери, таа мора да биде перманентна, да биде организирана и да биде добар почеток за враќање во поголем дел од младите кадри кои ја напуштија и ја напуштаат државата.

Со влез во ЕУ и НАТО сметам дека правиме историски чин да бидеме држава со европски стандарди, но и држава која ќе го сочува народот како еден од столбовите на државата.

Република Македонија сега е пред сериозен предизвик, како државата, институциите, а пред сѐ, граѓаните треба да одлучат за иднината на РМ, иднината на многу нови генерации кои се чувствуваат обесправени, фрустрирани, индиспонирани. Како што светот се соочува со глобалното загадување, така РМ се соочува со една масовна депресија од бесперспективност, која создава голема недоверба и голема нервоза која виси во воздухот и се чувствува насекаде во секојдневниот живот на обичните граѓани.

Референдумот е на 30 септември, тој е консултативен, согласно Уставот, на кој граѓаните треба да дадат глас со кој ќе одлучат и ќе дадат насоки на политичарите и институциите, ќе пренесат овластувања на нивните народни избраници, како да постапат после 30 септември и јасно да дадат до знаење дали се ЗА напредок или ќе им го одземат правото да носат одлука во нивно име.

Одлуката е на граѓаните и тие добија можност која произлегува и им припаѓа согласно Устав, преку еден од најдемократските инструменти да бидат клучен фактор на одлуката.

Државата има правна рамка за спроведување на референдум, каква-таква, не идеална, недоречена но претставува пристојна основа за слободно изразување на волјата на граѓаните.

Правната рамка произлегува од Законот за референдум и други облици на граѓанско изјаснување, како и од Уставот и изборниот законик.

Собранието како законодавна власт распиша референдум и согласно надлежностите се одлучи да распише консултативен референдум. Ова е сосема легитимно согласно позитивните законски пропис.

Во тек е јавната пропаганда каде слободно се изјаснуваат организаторите на јавната пропаганда, а тоа е должност на институциите која произлегува од актите на домашното законодавство, советот на Европа и Европската унија, да ја информираат јавноста.

Но има и одредени пропусти. Спротивно на овие погоре споменати инструменти, се дозволи одредени групи кои немаат право и немаат евидентирано статус на организатори на јавна пропаганда, да спроведат недозволена кампања со кој повикуваат на бојкот.

ДИК тоа не го спречи, не утврди како се финансира, а има обврска да се грижи за  законитоста за спроведување на референдумот од неговото распишување до конечните резултати. Ќе се повторат забелешките кои предвидуваат согласно стандардите за вакво прашање во секуларна држава да не може да водат јавна пропаганда: религиозни групи, верски заедници, поединци што се припадници на верските заедници. Не се спречи говорот на омраза и на сѐ поприсутните интернет медиуми, а информираноста на граѓаните за видот, карактерот и правото кое им следи за остварување на правото на глас при ваков вид референдум остана незабележително во јавноста.

Посебно загрижува фактот што, повторно се случи, дијаспората да не биде информирана, а и се овозможи да гласа на овој референдум. Одѕивот на пријавени гласачи од дијаспора е несоодветен на потребниот број за да може да се оправда гласањето на тие лица визави светските стандарди за ваков вид гласање. Кај нас процентот е 0,0012 %, од лица со право на глас со што не постои пример во светот  за ваков низок одѕив.

Техничкото спроведување може да го спроведат и службите на ДИК, но ДИК е одговорен за сите овие пропусти и имаат обврска средствата кои Собранието им ги обезбеди, да ги искористат за почитување на овие стандарди, а не да извезуваат задоволство што на самиот почеток заштедиле средства, при ваква суштинска одлука на граѓаните која е пресудна за иднината на РМ, а ќе потрошат милиони за гласање во ДКП- ата. Граѓаните во дијаспора не сносат никаква одговорност за тоа што надлежните не ги презеле потребните инструменти.

Консултативниот референдум е необврзувачки референдум и после резултатите од истиот и насоките кои собранието ќе ги добие од истиот, народните пратеници треба да ја донесат конечната одлука по прашањето кое е предмет на овој референдум. Овој вид референдум се распишува за стратешки и сензитивни прашања на државата и општеството.

Во однос на цензусот  тој во овој случај не е одлучувачки фактор, но за да добие, собранието легитимитет од граѓаните потребно е мнозинството од граѓаните кои ќе излезат да биле за од тие граѓани кои гласале против.

Мотивацијата на граѓаните е суштествена, а поголема мотивација од фактот да се биде дел од ЕУ и НАТО и да се избрише референцата БЈРМ, како стратешки интерес на сите досегашни парламенти и влади од независноста до сега - немало. Повикот за бојкот не е својствен во демократскиот свет за ваков вид референдум, може да се каже и недозволен, посебно ако групата која повикува нема правно регулирано својство на учесник во јавната пропаганда, а да не зборуваме за јавно организирање на кампања.

Овој пропуст на ДИК може да има сериозни импликации и да влијае индиректно со својата пасивност во нешто што во моментот претставува битно за граѓаните на РМ.

Институции на зависните тела се должни да ја спроведат оваа операција не само технички, државата да обезбеди правна рамка, но кога при спроведување на ваква операција најде на нешто што создава конфузија, и нема законска основа должни се да ги предупредат неовластените организатори, па и да ги спречат.

Во однос на цензусот, многу држави во светот преземаат посебни програми за зголемување на мотивацијата за гласачите како за избори, така и за референдум.

Ние сме пред молк и како граѓанин сметам дека граѓанската одговорност за излезеност на референдум  треба да биде на највисоко ниво.

Неспорен факт е дека граѓаните имаат многу причини да се сомневаат, да се незадоволни, но на овој референдум, треба да размислат за неколку суштествени прашања пред да се изјаснат или апстинираат:

Дали се  за ЕУ и НАТО ?

Дали сакаат да живеат во држава во која има владеење на правото согласно европски стандарди ?

Дали сакаат сите ние да излеземе на европскиот пазар и да ни се вреднуваат способностите според утврдени европски критериуми, а не да владее непотизмот, клиентелизмот, да владеат несоодветни лица и да остане корупцијата како дел од општеството.

Секоја одлука донесена од граѓаните е подобра отколку создавање простор со неизјаснување и неискористување на овој демократски инструмент, за продолжување на неизвесноста.

Дали некој ги информира граѓаните што ќе се случи и кои се последиците ако не го фатиме овој чекор со напредните демократии или можноста нашите граѓани поради бесперспективноста на општеството да останат да живеат во други земји. Што би се случило ако граѓаните кои за подобра иднина поради сите подолу споменати фрагилни состојби во општеството ја напуштиле земјата со земање пасоши од други земји членки на ЕУ, како примерот со Бугарија? Ако во одреден момент Бугарија забрани двојно државјанство, а може тоа да го стори, колку граѓани ќе се определат за отпуст од македонско државјанство ако ние не бидеме дел од ЕУ?

Ова се сериозни прашања и сериозни одлуки. Овој референдум може да се спореди со референдумот за независност. Таа генерација и покрај големите дилеми на крај одлучи со апсолутно мнозинство и придобивките се видливи. Пред тој предизвик  сме исправени сега сите граѓани кои имаме право на глас.

 

Авторот е адвокат и правен експерт, член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, поранешен претседател на ДИК и поранешен генерален секретар на Собранието на РМ.


Оваа анализа е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“