Новакоски: Молкот на институциите нема да ја врати довербата!

Александар Новакоски, правен експерт и поранешен претседател на ДИК, открива суштински аспекти на изборниот процес и состојбите околу Избирачкиот список.  Новакоски беше дел од експертскиот панел „Плурализмот и политичката криза“ одржан на 17 март 2016 година.  Настанот е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Ap_pFuIMcWA[/youtube]

„Ние имаме започнато медиумска војна, а изборите не се ни започнати. Тоа го имам почувствувано врз своја кожа и одлучив да учествувам само на вакви дебати и во живо. Сé друго мислам дека е невозможно во моментов, бидејќи секој си ја претставува ситуацијата според моќта на надлежните институциите, а треба да се собеат храброст и да се соопшти... Ние доаѓаме во ситуација, да се користат различни информации и од тоа да се креира состојба за една многу важна тема. Ние имаме Светски ден на изборите кој е во првата недела во феввруари, во изборна година, ние тој ден не го обележавме, тоа покажува колку сме свесни за важноста на изборите. Исто така, сакам да ја цитирам мојата изјава, дадена две недели пред мојата оставка, каде кажувам сé кратко и се надевам ќе биде изворно пренесено.

Велам, ќе биде несериозно ако не најдеме сила и политичка волја да ги донесеме измените, да ги оствариме сите услови за фер и демократски избори и да ги елиминираме сите забелешки од финалните извештаи на ОБСЕ-ОДИХР од 2009-тата, од претседателските и локалните избори, а тие, според извештаите, се досега можеби единствените избори, кои се оценети согласно сите заложби и стандарди донесени од европски организации. Ние имаме задолжителни, имаме незадолжителни, меѓународно задолжителни стандарди во кој еден од главните услови за да се обезбеди еднакво и универзално право на глас е Избирачкиот список. Оваа изјава ја дополнив дека без заедничка доверба и респект, креираме атмосфера која не е добра во изборна година и создаваме амбиент во кој не е можно да се воспостават слободни, фер и демократски избори. По оваа изјава, по две недели јас дадов оставка.

Сега, би се надоврзал на сегашната состојба. Поминати се пет години, ДИК сé уште не е излезена со официјална изјава за состојбата со Избирачкиот список и ние сме сме соочени со една ситуација во која имаме информација за над 300 илјади фантомски гласачи! Имаме и информација дека ситуацијата не е толку спектакуларна, и очекуваме ДИК да излезе со официјална информација за состојбата од вкрстената проверка. Во однос на Избирачкиот список, тој е преземен од ДИК 2010-та година од Министерството за правда, но се работи само за техничко преземање. ДИК де јуре од тоа време е надлежна за Избирачкиот список, но без соработка со сите други опфатени во оваа фаза, ДИК не можела многу да преземе за квалитетот на Избирачкиот список, иако е факт е дека располага со човечки капацитети. Јас кога бев во ДИК, имаше само 10 вработени, сега има над 100 вработени, и затоа мислам дека треба да дадат одговор – од каде е оваа состојба на Избирачкиот список за која имаше приговори во изминатите изборни циклуси 2013 и 2014. Пред тоа, нема официјални приговори ниту од партиите, ниту од граѓаните, ниту од било кој друг експерт кој ја следел таа материја. Имаме ситуација во која вклучени се и странски и домашни експерти, повторно одлуката е ставена во рацете на лидерите на политичките партии, бидејќи тие одлучија да направат пречистување, и именуваа свои експерти кои треба да и соопштат на јавноста дали оваа бројка е точна.

Избирачкиот список мора да е точен и тоа е главниот стандард од 20 стандарди, а ние другите стандарди не ги ни споменуваме. И во тој однос, јас се согласувам, не знам дали се креира атмосфера за добри избори или не. Списокот, ако ДИК го пречисти, мора да соопшти која е состојбата, колку имаат право на глас и по теренската проверка, една од дилемите мора да се отклони и верувам дека ќе се отклони. Вие имате неколку претседатели, бивши, освен мене, кои го ажурирале списокот, така што може да ги повикате на една дебата - дали списокот бил ажуриран или не бил. Мислам дека брзо ќе излезе ДИК со информација, но прашањето е во однос на експертите и составот на ДИК: ме плаши дали ќе можат да одговорат, бидејќи повторно имаме 6 партиски членови и тројца експерти...

Јас сум отворен за дебата, но увид во Избрачкиот список немам. Сега, ќе ја видиме состојбата и ако барем малку се врати довербата, ќе е добро. Доверба во Избирачкиот список, со вакво известување, со молк на институциите не може да се врати, тоа ве уверувам...“

Прашање од публиката: Ве прашувам како правници, каде да се обратат граѓаните врз кои се врши притисок, добиваме извештаи, ги собираат со автобуси за да одат на протест, каде да се обратат тие луѓе како да се заштитат?

„Кога ги спомнав забелешките од ОБСЕ-ОДИХР, една од главните забелешки која се појавува интензивно во трите изборни циклуси, е заплашувањето на граѓаните, притисокот врз гласачите. Во однос на некој посебен закон, ние имавме консултации со врвни експерти од оваа област, не се најде специјален закон, но државата има законодавство,  кривичен и прекршочен и изборен законик, и треба да се пријавуваат неправилностите пред надлежните, за време на избори во ДИК, надвор од изборите - за тоа се надлежни судските органи. Но, недовербата е толку голема, а ако граѓаните сами не пријават, тука не може никој да реагира. Такво нешто не сум добил кога бев дел од изборната комисија, ниту партиите не го имаат покренато пред надлежните органи официјално, како правна процедура. Овие четворица лидери на релевантните политички партии се дел од изборните процеси долго време, а правна процедура официјално не сум забележал, за закон не се најде решение“.

 

 

Оваа вест е достапна и на: English