Новакоски: Залудни обиди да се врати довербата на граѓаните!

„Кога не функционираат регулаторните тела кои се надлежни за изборите, тогаш лидерите на политичките партии одлучуваат за сите прашања, за секојдневниот живот... Со последниот договор, политичките партии ја презедоа улогата во работи во кои не смеат да се инволвираат“, вели во разговорот за ЦИВИЛ МедиаАлександар Новакоски, член на експертскиот тим на ЦИВИЛ и поранешен претседател на Државната изборна комисија, .

„Би сакал да кажам дека е добро што се постигна било каков договор. Врз база на тие детали што ги знам, кои се достапни во јавноста, повторно доаѓаме до точка да правиме измени во законот. Кога не функционираат регулаторните тела кои се надлежни за избори, за организирање, за спроведување на избори, тогаш лидерите на политичките партии одлучуваат за сите прашања, за секојдневниот живот, и ја превземаат работата на тие регулаторни тела и преку нив, го гарантираат или не изборниот процес. Тоа ми дава полно право да кажам дека е подобро истите тие политички партии, со свои претставници да гарантираат и да овозможат да се организираат колку што е можно подобри избори, бидејќи ние сме веќе далеку од фер и демократски избори, имајќи во предвид што се пропушти да се направи во изминатиот период“, смета Новакоски.

Aleksandar Novakoski

На прашањето дали договорот е најдобриот начин за излез од политичката криза, Новакоски, е дециден дека единствен начин за излез од политичката криза, се изборите, но според него, најважна е довербата во институциите.

„Еден од примерите во кои е изгубена довербата е Избирачкиот список, каде од фантомските 500 илјади гласови, ќе се сведе на определен број кој ќе треба да се проверат. Ќе се сведе на тоа - теренската проверка да не е завршена, немаме гаранција, а клучно за секој процес е довербата. На овој начин, довербата тешко се враќа. Според мене, политичките партии ја презедоа улогата и на работи во кои тие не смеат да се инволвираат“, изјави Новакоски.

„Јас од самиот почеток кажувам дека единствен излез од политичката криза се избори. Друг начин за излез од кризата која се пролонгира долг период - не постои, ниту теоретски, ниту светската пракса знае друг начин, но проблемот е како ќе се спроведат тие избори. Повторно ќе се преземат сите активности во краток рок, се прават обиди да се врати довербата, а кај тие што се надлежни - имаме комплетен молк. Довербата е најважна, а ако кај мене е тешко да се врати довербата, што остана кај тие луѓе кои не ги познаваат процесите. Прво е довербата, а потоа, може да се организираат добри избори“, потенцираше Новакоски за ЦИВИЛ Медиа.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian