„До ноември може да се создадат услови за избори, меѓутоа клучниот проблем е кај Државната изборна комисија која не излегува со некои ставови и консензуси, а тоа создава забуна - да имаме поделби дали се создадени услови или не“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, поранешниот претседател на ДИК, правниот експерт Александар Новакоски. Според него, ДИК мора да ја врати довербата на граѓаните и да го прочисти Избирачкиот список.
„Формирале некоја работна група и таа има доволно време, група во која се внесени и партиите да го проверат уште еднаш Избирачкиот список. Мислам дека само избори може да ја решат политичката криза, друг начин не гледам. Довербата во овој момент е комплетно изгубена во органот кој е надлежен за спроведување на избори и треба да се направи напор да се врати довербата кај граѓаните. Ако четирите партии се усогласат во своите ставови, до ноември има време, да се формира техничка влада, која за 100 дена ќе ги спроведе изборите“, вели Новакоски.
Тој истакна дека ДИК е во целосна конфузија и е под партиски влијанија и дека клучните прашања им ги решаваат други однадвор. Но, сепак, смета дека може да се создадат условиза фер избори, ако ДИК се ангажира целосно и се оддели од партиските влијанија.
Д.М.