Државната изборна комисија, со мало задоцнување од предвидениот рок од 30 дена за одговор на барањето на ЦИВИЛ за информации од јавен карактер, одговори со три приложени документи што се однесуваат на јавните набавки, патните трошоци и репрезентацијата на членовите на ДИК во период 2016-2017 година.
Државната изборна комисија за 2016-2017 година потрошила „само“ 16.533.705 денари (268.840 евра) за набавка на фотелји, конференциска маса, метални ормари и сеф, греалки, клими, мобилни апарати, компјутери, екстерни хард-дискови, принтери, софтвери и систем за озвучување.
Од мобилните телефони, освен мобилниот телефон Apple iPhone 7 plus-128GB Black,5.5 inches кој чини 67.000 денари, најголемиот интерес на мобилни апарати за службени потреби на членовите на ДИК се Samsung Galaxy Note 8 NEW 2017,gold,6.3, девет апарати, секој поединечно со цена од 58.000 денари, односно вкупно 589.000 денари (9.577 евра). Овие мобилни телефони се набавени во 2017 година. Во 2016 година потрошени се 496.956 денари (8.080 евра) за десет мобилни телефони. Тоа изнесува фантастични 1.085.905 денари (17.657 евра) за 20 мобилни телефони, потрошени само за една година за членовите на Државната изборна комисија. За споредба, ДИК беше извонредно „дарежлив“, па плати околу 9.000 евра, за да им помогне на девет општини со блокирани сметки, за да бидат во состојба да одржат локални избори во 2017 година. Само за мобилни телефони, супер-важните ДИК-овци потрошиле двојно повеќе. Скандалозно!
Најголемата инвестиција во периодот 2016-2017 година е софтверската надградба чија цена изнесува 4.298.400 денари (69.892 евра) активирана непосредно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година. Набавката е од компанијата iVote.
На членовите на ДИК во 2016 и 2017 им се платени вкупно 313.329 денари (5.094 евра) за дневници и вкупно 2.349. 512 денари (38.203 евра) за службени патувања со сопствено возило, односно 2.662.841 денари (43.298 евра). Повторно, вртоглави суми пари во оваа категорија трошоци на членовите на ДИК. Ако трошоците се индикатор за важноста, мобилните телефони и дневниците се подеднакво важни како и софтверската надградба потребна за спроведување на изборните процеси. Барем да ги спроведеа изборите како што треба, па човек да каже – трошеа, ама и работеа. Останува прашањето, дали мобилните телефони се сѐ уште службени и во сопственост на ДИК или се „приватизирани“. Ова прашање се однесува и на службените лап-топ компјутери и други службени „играчки“.
Правилниците биле прилично дарежливи кон членовите на ДИК, па за репрезентација во 2016 биле предвидени 530.420 денари (8.625 евра). Членовите на ДИК, сепак, потрошиле малу повеќе и тоа 545.298 денари (8.867 евра). Од предвидените репрезентативни трошоци за 2017, за членовите на ДИК се предвидуваат „само“ 352.817 денари (5.737 евра), но тие биле комотни, па потрошиле 403.884 денари (6.567 евра).
Можеби со задоцнување доаѓа одговорот од ДИК, но токму на време да послужи како опомена за следните членови на ДИК, што можеби ќе запоседнат луксузните позиции во ДИК. Јавноста имаше право да знае, но тие информации ѝ беа недостапни. ЦИВИЛ и голем дел од јавноста постојано бараа од членовите на ДИК да се придржуваат кон законот, да го заштитат правото на глас што е фундаментално човеково право, но за возврат добија безглаво луксузирање и сериозни повреди на законот и гласачкото право. Нетранспарентно и без одговорност.
Ова не е сѐ!
Државната изборна комисија не даде одговор на сите прашања кои ЦИВИЛ по втор пат ги постави според Законот за пристап до јавни информации. Првиот пат ги постави меѓу двата изборни круга на локалните избори во 2017 година, но безуспешно. Сепак, во тоа време, под притисок на јавноста, ДИК поднесе оставка, а „бонусите ги подари во добротворни цели“.
Јавноста и понатаму нема одговор на прашањето за висината на бонусите кои меѓусебно си ги поделиле лакомите членови на ДИК. Ако првиот пат кога ЦИВИЛ и јавноста не добија, а имаа законско право на нив, овој пат добија само дел од вистината за расипничкото однесување на ДИК. Веројатно е непотребно да се нагласи дека тоа претставува кршење на законот.
Ништо од сево ова не беше пречка за собраниската комисија за именувања да ги стави оставките на ДИК-овци во точка разно и да им подели комотни апанажи од по околу 1.000 евра, без понатамошна дискусија. Јавноста требаше да биде задоволна од оставките, а за злоупотребените вртоглави суми пари и за лошо завршената работа, нема ни збор. Да не зборуваме за информациите кои останаа скриени од очите на јавноста и така оставија простор за уште посериозни сомнежи за злоупотребите во оваа институција задолжена за спроведување изборни процеси и заштита на фундаменталното човеково право – правото на глас.
Да потсетиме, државата од декември наваму е без ДИК, со стручна служба за која не се знае што точно работи, освен што допрва се обучува за работи за кои одамна требало да биде обучена. Сѐ уште се чека на формирање на ДИК, додека се донесат измените во Изборниот законик, со референдум за името и претседателски избори во 2019 година, додека временските рамки сè повеќе се стеснуваат.
Биљана Јордановска
Оваа вест е достапна и на: Albanian