Како дел од револтот што граѓанките и граѓаните го изнесоа на улица, мирно протестирајќи против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, но и против севкупната политичка криза во која Македонија тоне се подлабоко, уметниците во заедничката изјава против тоталитарниот режим „Уметниците за човекови права“, повикаа на кревање на гласот на сите творци.
„Уметниците имаат моќ да му стават крај на ова лудило, само доколку ја согледаат својата моќ и вистински ја преземат својата улога која ја имаат во општеството. Со своите пораки за поддршка и застапување на човековите права, со солидарност и со поттикнување на дебатата, уметниците ја исполнуваат својата општествена улога и понесуваат одговорност за развојот на културата, образованието и медиумите во земјата.“
На тркалезната маса, во рамки на мултимедијалниот настан „Уметниците за човекови права“, организирана од ЦИВИЛ - Центар за слобода на 29 март, изјавата ја потпишаа видни уметници и интелектуалци кои ги споделија своите мислења и ставови за нивната општествена одговорност во градење на демократија, која ги опфаќа цивилизациските вредности и високите идеали за човечност, правда, еднаквост и почитувањето на човековите права и слободи.
Изјавата може дополнително да се потпише со испраќање кратка порака на поддршка на [email protected] или на ФБ страницата на ЦИВИЛ.
Својот потпис против тоталитарниот режим, а за застапување на човековите права и солидарност досега го дадоа Ристо Лазаров, Петар Арсовски, Петрит Сарачини, Бојан Иванов, Џабир Дерала, Дороти Пачкова, Владимир Милчин, Савка Тодоровска, Биљана Јордановска, Биљана Еверет, Љуљета Адеми, Оливера Доцевска, Лидија Димова, Евгенија Димов, Ема Маркоска Милчин, Никола Спировски, Илија Јованов, Гоце Маркоски, Велиу Џејлан, Емрах Реџепи, Лидија Цаковиќ Мојсоска, Валентин Димановски, Фросина Митрушева, Никола Угриновски, Елизабета Аврамовска, Владимир Христов (Амстердам), Билјана Групче, Наде Тошкоска, Касиопеја Наумовска, Самоил Стојановски, Ана Христова, Верица Недеска, Срѓан Јаниќијевиќ, Јана Јанеска Ристески, Димитрие Дурацовски, Синиша Станковиќ,Мирјана Контеска, Аризанова Оливера, Билјана Слободан Тасева, Биљана Групче, Ацо Костов и Љупчо Ристовски и Сеад Хаџиќ.
Повикот останува отворен за сите уметници, интелектуалци, засегнати граѓанки и граѓани кои сакаат со својот потпис да придонесат кон креирањето на поинакво општество и да придонесат во борбата за слобода, еднаквост и демократија.