Новинарите утре на протест за ослободување на Зоран Божиновски

Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ ги повика новинарите на протест за ослободување на новинарот Зоран Божиновски, кој пред неколку месеци беше екстрадиран од Србија и се наоѓа во притвор во Шуто Оризари. Протестот е закажан за утре во 10 часот, пред Основниот суд во Скопје, во кој ќе се одржува и првото рочиште од судењето на новинарот за обвинувањата за шпионажа. Поддршка за утрешниот протест дојде и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС). Овие професионални медиумски организации бараат фер и правично судење за притворениот новинар. ЦИВИЛ - Центар за слобода го поддржува утрешниот протест.

„Правниот систем во Македонија не смее да се користи за политичка одмазда и за пресметка со неистомислениците. Правото на фер судење е основно човеково право и државата треба да го обезбеди тоа право за сите граѓани на Република Македонија. Затоа, се приклучуваме кон утрешниот протест пред Основниот суд во Скопје во 10 часот, каде е закажано првото рочиште против Божиновски“, се вели во заедничкото соопштение на ССНМ, МИМ и на ИКС.

Според ЗНМ, има најмалку две причини зошто тие се убедени дека процесот против Божиновски е обична политичка конструкција на власта со злоупотреба на законите и институциите. Првата е дека институциите кои толку многу инсистираа да се екстрадира Божиновски од Србија, сега непотребно ја одлагаат постапката. „Ако Обвинителството имаше докази, тогаш зошто им беа потребни речиси четири месеци да го обвинат Божиновски? Какви докази бараше Обвинителството во меѓувреме, кога за предметот ‘Шпион’ веќе првостепено се осудени 19 лица? Очигледно е дека Обвинителството купува време затоа што нема цврсти докази да го поткрепи обвинението“, соопшти ЗНМ при објавувањето на повикот за протест минатата недела. Освен тоа, според здружението на новинарите, нема никаква рационална причина Божиновски четири месеци да биде држeн во притвор под исто образложение, дека постои опасност да ја напушти земјата и да влијае на истрагата. „Како е можно Божиновски да влијае на сведоците, кога за случајот веќе е донесена првостепена пресуда“, прашуваат од ЗНМ.

zoran_bozinovski-670x393

Зоран Божиновски

Претходно, на 11 август годинава, Специјалното јавно обвинителство побара од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да го преземе и предметот со Зоран Божиновски, поради поврзаноста со случајот „Шпион“ за кој СЈО веќе има надлежност. Сепак, предметот за Божиновски, се додека не се изјасни Советот на обвинители, сè уште останува во надлежност на ова јавно обвинителство.

Минатата недела, осуда до институциите на земјава за случајот на Божиновски пристигна и од Меѓународната федерација на новинарите, која во јуни усвои ургентна резолуција и изрази целосна поддршка на новинарот.

Инаку, Божиновски во април годинава беше уапсен во Нови Сад од српските власти, како осомничен во случајот „Шпион“ по меѓународна потерница распишана во ноември 2013 година,  по што беше веднаш екстрадиран во Македонија. Претходно, за истиот случај, тој еднаш веќе беше уапсен па пуштен да се брани од слобода од властите на Република Србија.