Околу сто граѓани маршираа на Меѓународниот ден на толеранцијата и побараа правда, слобода и еднаквост. Цивил и Хелсиншкиот комитет по шести пат го организираа Маршот на толеранција. Според организаторите, слабиот одзив на граѓан(к)ите се должи на повеќе фактори, пред сѐ, на неодамнешниот брутален напад на кафулето „Дамар“ каде се одбележуваше јубилејот на ЛГБТИ центарот при Хелсиншки комитет за човекови права, но и поради континуираната стигматизација на граѓанските организации. Претседателот на Цивил, Џабир Дерала, вели дека дека толеранцијата, признавањето и почитувањето на разликите е суштина на денешната цивилизација.
“Однесувањето на владата на Република Македонија е спротивно на меѓународните и националните стандарди и закони, спротивно на Уставот. Ја потсетуваме владата и сите институции на локално и национално ниво дека политиките и практиките со кои се поттикнува, одобрува или премолчува дискриминацијата и говорот на омраза е криминал”, вели Дерала.
Цивил ги потсетува сите сограѓанки и сограѓани дека толеранцијата, признавањето и почитувањето на разликите е суштина на денешната цивилизација. „Ги повикуваме да ги преиспитаат своите ставови и да разговараат за разликите, како луѓе, а не да се пресметуваат со различните од себе. Нема ништо убаво во тоа да се биде ист. Да се биде различен е cool. Сите различни – сите еднакви!“ – гласи повикот на Цивил.
Во јавноста и провладините медиуми продолжува минимизирањето на овој ден, а со тоа и на владината обврска да спроведува инклузивни политики и практики, без дискриминација и говор на омраза.
Меѓународниот ден на толеранцијата е време кога владите на земјите членки на ОН, како и сите луѓе на светот имаат можност да се потсетат на обврската да ги признаат и почитуваат правата, слободите и определбите на другите. Тоа е време на размислување и дебата за тешките последици од нетолеранцијата.
Денешниот ден ширум светот се користи како повод да се отвори дебата за различните видови на неправда, угнетување, расизам и дискриминација по сите основи во општеството.
Меѓународниот ден на толеранцијата е датум на кој владата на секоја држава има обврска да ги претстави своите достигнувања во областа на почитувањето на човековите права и да ги презентира своите резултати од борбата против нетолеранцијата и дискриминацијата
Владата на секоја земја е должна да го обесхрабри секој обид за дискриминација на сите нивоа, за сите граѓанки и граѓани на земјата, мора да спроведе политики и практики со кои непочитувањето на разликите, нетолеранцијата, говорот на омраза и делата сторени од омраза ќе бидат санкционирани.
Арбана Ќерими
Оваа вест е достапна и на: Albanian