Нулта толеранција за нерегуларности и во вториот изборен круг!

ЦИВИЛ – Центар за слобода засилено ги набљудува изборните активности на политичките партии, во пресрет на вториот изборен круг на локалните избори што ќе се одржат на 29 октомври.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи засилена активност на терен на партиските активисти во цела држава, не само во општините во кои се прегласува. Зголемена активност се забележува и на социјалните мрежи, особено од крајот на минатата недела.

Првите неколку дена по изборниот ден, на 15 октомври, партиите беа помалку активни, во очекување каков ќе биде исходот од приговорите. Кон крајот на минатата недела, нивната кампања продолжи со зголемен интензитет.

Според извештаите од набљудувачите на ЦИВИЛ, атмосферата е тензична, а политичките партии продолжуваат да се занимаваат со национални теми, наместо за локални проблеми. Активностите, барем еден голем дел, се насочени кон поделби, тензии и нескриен говор на омраза кон политичките противници или кон категории на граѓанки и граѓани на одредени заедници, кои на партиите не им се во политичката визура.

Нотирани се случаи на притисоци во јавните претпријатија и во администрацијата на локално ниво. Тие случаи допрва ќе бидат објавувани на нашата медиумска платформа, меѓутоа тоа е нешто поради кое институциите треба сериозно да се зафатат со работа и да ги санкционираат сите обиди за ограничување на гласачкото право.

Оценката на ЦИВИЛ е дека и во вториот изборен круг на локалните избори ќе има појава на граѓанки и граѓани што не се на Избирачкиот список. Уште еднаш алармираме дека ова е сериозна повреда на човековите права и слободи и на фундаменталното човеково право, а тоа е правото на глас.

ЦИВИЛ првиот круг од локалните избори го мониторираше со 191 набљудувач и во соработка со над 30 граѓански новинарки и новинари, кои не беа акредитирани, меѓутоа активно го набљудуваа теренот.

Набљудувачите ќе бидат прераспоредени во општините во кои ќе се гласа во вториот круг, а во текот на денешниот ден, ќе бидат акредитирани уште 16 дополнителни набљудувачи кои ќе бидат распоредени онаму каде што се очекува потензичен ден на гласање.

ЦИВИЛ - Центар за слобода има нулта толеранција кон изборните нерегуларности и ги повикува сите учесници во вториот изборен круг, на 29 октомври да придонесат за мирен, слободен и демократски изборен ден.

На веб страниците www.civilmedia.mk на македонски и www.drejt.mk на албански јазик ќе се објавуваат информации и извештаите од изборниот мониторинг што пристигнуваат од набљудувачите, од грaѓанските новинар(к)и, но и многу други информации, важни за граѓанките и граѓаните.

За сите информации или пријави за изборни нерегуларности, на граѓанките и граѓаните, на медиумите и сите засегнати страни во изборниот процес, на располагање им се телефонските броеви 02 / 5209 176, 071 608 523, 078 / 746 138 и онлајн формуларот www.slobodniizbori.info.

 

 

 

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish