„На почетокот од нашето обраќање, го изразуваме нашиот став дека во овој момент не се исполнети клучни услови, ниту постои поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори, кои ќе ја вратат довербата на граѓаните дека во Македонија е возможно слободно да се одлучува и дека граѓанската одлука ќе биде испочитувана од институциите и од сите политички партии. Треба да се обезбедат услови за спроведување на слободни избори, а не само датум за нивното спроведување. Доколку не се обезбедат добри услови, граѓанските организации ќе ги бојкотираат изборите“, изјави Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар во име на граѓанските организации, платформи и иницијативи, кои денес одржаа прес-конференција пред Делегацијата на Европската унија во Скопје.
По писмото испратено до еврокомесарот Јоханес Хан на 14 јануари граѓанскиот сектор и денес побара целосно спроведување на Договорот од Пржино и спроведување на вистински реформи за фер и демократски избори, департизација на судството, слободни медиуми...
78 граѓански организации, платформи и иницијативи, меѓу кои е и ЦИВИЛ – Центар за слобода, денес го претставија своето писмо испратено до претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, делeгацијата на ЕУ во Македонија, пратениците во Европскиот парламент, раководителот на Сениорската експертска група - Рајнхард Прибе, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадите на сите држави-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија и до Амбасадата на САД, а една копија му е доставена и на еврокомесарот Хан.
ЦИВИЛ перманентно ги објавува своите препораки и анализи до меѓународната заедница и останатите носители на одлуки за надминување на политичката криза и за условите кои ќе придонесат за фер, слободни и демократски избори.
И во последната анализа на 10 јануари „Само слободни избори се шанса да се врати владеењето на правото“, ЦИВИЛ изнесе констатации и барања кои се совпаѓаат со оние наведени во денешното писмо на граѓанскиот сектор. ЦИВИЛ упатува силна препорака до меѓународната заедница за сериозно разгледување на препораките од граѓанскиот сектор.