Кога и студентските се насилни, можни ли се воопшто фер и демократски избори во Македонија?
Бруталност, насилство, страв, понизност, диктатура без право на реакција..., се пораките кои ги испрати владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку својата извршна власт вчера, два дена откако највисокиот законодавен орган, Собранието на Република Македонија, без присуство на опозицијата, го донесе законот со којшто ќе го формира новиот Универзитет „Дамјан Груев“ по свој терк!
И уште јавноста не се созеде од овој недемократски чин на пратениците од власта, која демонстрираше едноумие од највисок степен во држава со уставен плуралистички политички модел, која патем, претендира и да влезе во ЕУ, се случи вчерашната драма. Се реализираа студентски избори со украдени гласачки кутии, вдомени под буџетска капа - партиски кадри од внатрешноста беа ангажирани како „контрадемонстранти“ на младите студенти - борци за правда и демократија.
И кога незадоволството на студентите ескалираше и протестот продолжи пред канцеларијата на Студентскиот пленум, државата ја ангажира Единицата за брзо распоредување, а полицајците насилно ги бркаа студентите... На нефер, нерегуларни и недемократски избори е избран новиот студентски лидер, Давор Поповски, повторно, два дена откако експремиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски по средбата со европските дипломати во Брисел, вети продолжување на патот на Македонија кон евро-атланските интеграции!? Чиста хипокризија е изјавата на Груевски дека се бараат начини за намалување на штетите во државата од политичката криза, впрочем, вчерашниот ден е потврда за уште поригидните политики на власта, со кои се параат шевовите и од остатоците од парчосаната демократска традиција на Македонија.
Ако низ историјата, задушените студентски протести биле најава и императив за процесот на враќање на демократијата - милум или силум, а премисите секогаш водат до конклузија, тогаш какви парламентарни избори ја очекуваат Македонија по вчерашниот брутален студентски изборен процес?!?
Овој 30-ти јуни, всушност, треба да биде порака и за меѓународниот фактор, дека веќе простор за преговори и договори и седнување на заедничка маса со политичарите од власта – нема! Дека нема простор за демократски и регуларен изборен процес! И дека само насилство и имплементација на диктатурата на уште повисоко ниво, не очекува во иднина.
Впрочем, и избраниот студентски „лидер“ и неговите приврзаници се продолжена рака на груевизмот. Време е за итна акција на меѓународните дипломати, за да се спречат последиците од новите насилни методи кои власта очигледно, нема да се воздржи да ги примени, при секој натамошен обид за решавање на политичката криза и враќање на владеењето на правото и демократијата, за конечно да се стави крај на еднодецениските погубни политики на Груевски.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian