О tempora! O mores!

Многумина мислат дека демократијата им го гарантира правото за другите не само да кажат и напишат што сакаат, туку и како сакаат, па во врска со тоа, тие трагикомично се повикуваат на Уставот и правото на слобода на говор. Во име на таа слобода, забораваат на сопирачките и го газат секого кој ќе им се најде на пат, иако на тој пат треба да има повеќе крстосници и семафори од сообраќајни полицајци.

Tomislav Kezarovski

Пишува: Томислав Кежаровски

И на други места, секако, би се нашле бизарни лица кои, без каква било самоконтрола, ќе јуришаат на други лица, употребувајќи го најпростиот јазик на улицата и ќе го тормозат нормалниот свет со најчудесни хипотези, ама овде кај нас, ги има „на секој чекор“.

Изливите на бес, навредливите и простачките коментари, грдите епитети, пцостите и заканите, дури и повиците за ликвидација, изгледа, станаа нешто многу нормално во Македонија. Се ценат лажни вредности, моралот одамна исчезна.

Во земја со население со слабо образование, во која околу половина граѓани никогаш не прочитале книга, подгревачите на злото се воздигнуваат до небо. Етиката, семејните вредности, чесноста, за волја на вистината за многумина се непознати категории. Јавниот обвинител има проблеми со слухот. За него не важи „информација по допрен глас“. Да не видиш дека во медиум некој некому му порачува дека „ќе го мириса цвеќето одоздола“, треба сигурно да си со „фабрички недостаток“, или, ќорсокак на еволуцијата.

Јавниот простор во Македонија стана чудовиште. „Субверзивни елементи“ сме сите од ред што не мислиме така како што мислат „актуелните“ властодршци. Постои јасна намера за да се замолчат „странските платеници“, а да се поддржат „патриотите“.

Полека и сигурно, го допираме дното.

Јавноста катадневно гледа, слуша и чита сé и сешто, вклучувајќи и гадости чија намера е очигледна, но чувствувајќи се заштитени од извесни моќници, „авторите“ никогаш не стигнуваат на суд, или ако стигнат, имаат решение да го застарат делото. Толку злоупотребувана, слободата на говорот многу често прераснува во говор на омраза, а зад кажаната „вистина“, се кријат клевети и лаги.

Вистинско уживање е да се читаат сите тие забелешки под текстовите на странските Интернет портали, затоа што тоа се извонредни, културни и фокусирани расправи кои даваат поширок увид во темите за кои се пишува.

Во нашава чудесна држава многу пристојни луѓе стравуваат да коментираат текстови на портали, иако понекогаш сакаат да се вклучат во расправа. Затоа што би им било срам да се најдат во вулгарното друштво што таму царува.

Во Македонија тој терен изгледа како Дивиот Запад кој треба да се цивилизира.

Кај нас владеат огромни забуни во врска со поимот - слобода.

Одделни обиди подрачјето на медиумите да се исчисти од примитивизам постојат, но кај нас сé уште надвладува општата, заглушувачка бука. Се трешти од простотилак, од највалканото понижување на неистомислениците.

А, толку време и сила некогаш се вложуваше за да се освои одделен медиумски простор, но се плашам дека тој круг храбри новинари, уредници и луѓе во медиумите е сé помал и помал…

И дека сила за таа и таква борба, има сé помалку и помалку.