Иако сега не можеме да го видиме светлото на крајот на тунелот и стравуваме со каква-таква надеж, сепак, убеден сум дека ќе се избориме за правото да бидеме слободни. И среќни
Генерациите доаѓаат и си одат и сите имаат своја приказна и оставиле свој, добар или лош белег врз историјата на човештвото. Мојата генерација не го памети времето на Тито, ниту сме биле родени додека Македонија била дел од Југославија...
Војните го раскостиле овој убав дел од светот што ние го викаме дом, а кој порано бил дел на едно убаво, братско општество, во периодот на среќа и мир кои траеле со децении, а кои ние денес, тешко ги разбираме. Зашто, мојата генерација израсна во страв и несигурност, слушајќи за некаква транзиција, гледајќи како родителите се неспокојни, ги губат работните места или во посреќната варијанта - им ги намалуваат платите и косите им обелуваат. Тука, пред нашите очи...
Ние не знаеме за подобри времиња и за времиња за спокој. Ние знаеме за долгогодишно владеење на една гарнитура која животите ни ги заплетка во вител каде што не сакавме ниту да припариме, во тајфун што не обзема од сите страни, не опколи и не фрли во разбуричкани води - да научиме да пливаме, за да се спасиме..
И затоа, ни е јасно дека нашата борба ќе биде долга, бидејќи разбираме дека системот не функционира. Гледаме како наши сограѓани гинат во поплави, во 2016-та година, поради грешки за кои никој не презема одговорност, ниту чувствува вина... Но, вистинскиот страв кој мене ни се всадува во коските, е токму поради тоа што конечно сфатив дека одговорните, навистина не мислат дека се виновни и дека нивниот криминален ум е недопрен од човечноста, па тие самите се сметаат за безгрешни и недопирливи.
Не е лесно да се избега од канџите на овој режим. Не е воопшто лесно да се остават семејствата, пријателите и сите омилени места, од кои дел се веќе разурнати, обезличени и живеат само во нашите умови и срца. Избришани од меморијата на градот и граѓаните кои покрај нив, со генерации создавале спомени што повеќе ги нема... Во моите долги размислувања и планови за иднината некаде далеку од мојата земја, полека сфатив дека никаде и никогаш, не било сé совршено, и дека луѓето се бореле за своите права и за поубав живот за себе и за следните генерации. И знам дека и ние мораме и (дел од нас) веќе и го правиме истото. Мора да собереме сили повторно, и колку и да ни е тешко, колку и да сме сега турнати на земја од режимскиот, брутален однос кон нас - од нашата држава, мора да разбереме дека дури и по најголемата бура, за време на која мислиме дека светот засекогаш ќе биде црн и ужасен, светот се обновува, движи и менува...
Темнината ќе помине, и иако сега не можеме да го видиме светлото на крајот на тунелот и стравуваме со каква-таква надеж, сепак, убеден сум дека ќе се избориме за правото да бидеме слободни. И среќни. Се надевам дека нашите деца и идните генерации ќе живеат во многу подобар свет, зашто, темнината, едноставно, мора да помине...
Нов ден мора да дојде.