Од кого полицијата го брани Ректоратот?

Кој и даде дозвола на полицијата да влезе во кампусот на УКИМ кога ректорот е отсутен, и со какво право, полицајците си дозволуваат на студенти и на новинари во кампусот, да им издаваат наредби?

Студентскиот пленум и младинската организација „Мугра“ го блокираа Ректоратот на Универзитетот „Кирил и Методиј“, како одговор на започнатата изградба на објектите на факултетите – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје - ФФОСЗ, при која беа исечени 47 дрвја во кампусот на УКИМ.

Студентите ја започнаа блокадата во 7:30 со намера таа да продолжи во текот на целото работно време, секој ден, сé додека ректорот не го образложи неговиот став.

полицијаВо меѓувреме, студенти од ФИНКИ и ФФСОЗ дојдоа во кампусот, наводно да садат дрвја, при што Пленумците и активистите на „Мугра“ ги повикаа на разговор, со оглед на фактот дека тие не се против градењето на факултетите, туку против начинот на кој што се води целата постапка.

За присутните студенти, проблематично беше присуството на полицијата во кампусот, што, според нив, е противзаконско и противуставно. Полицијата беше присутна во кампусот уште утрото кога почна блокадата и бараше од студентите да се тргнат од пред Ректоратот. По одбивањето на студентите, по нивната реакција за присуството на полицијата во кампусот и барањето полицијата  да покаже писмена дозвола од Ректорот за присуство, припадниците на полициските сили се тргнаа настрана и дозволија блокадата да продолжи.

Со доаѓањето на контра-демонстрантите, според нивното образложение - да садат дрвја, повторно имаше и зголемено присуство на полицајци, кои со оружје и џипови влегоа во кампусот! Кога како новинар на ЦИВИЛ Медиа, почнав да ги фотографирам џиповите и униформираните полицајци, веднаш бев пресретнат од полицаец со камуфлажна униформа, кој реагираше зошто фотографирам, го одби новинарскиот беџ што го носев на видливо место и му го покажав кога ми побара легитимација.

полицијаПолицаецот ми побара лична карта и околу 20 минути ја задржа. Додека чекав до автомобилот, а полицаецот ме „легитимираше“, фотографираф друг полицаец, кој веднаш побара да ја види фотографијата и да ја избришам. По објаснувањата дека се на место каде што вооружени и униформирани воопшто не смеат да бидат, а дека новинари можат на јавно место да фотографираат, полицаецот со обична униформа, ми нареди да ја избришам фотографијата и ми се закани со пријава и можна приватна тужба, со образложение дека не сака неговата фотографијата да се користи во негативен контекст.

Откако студентите од ФИНКИ и ФФОСЗМ завршија со садењето и заминаа, полицајците со камуфлажни униформи со нивните полициски џипови си заминаа, а во кампусот останаа неколку полицајци со обични униформи.

Емрах Реџепи

Print Friendly, PDF & Email