Односот кон бегалците – срамен белег

ЦИВИЛ – Центар за слобода од почеток ја следи состојбата со бегалците од војната кои минуваат низ Република Македонија барајќи спас од страдањата во нивните земји.

Општа констатација е дека институциите на нашата држава и во оваа криза се претставија како неефикасни, дискриминаторски и насилнички.

Тоа што последниве денови се случува на границата со Грција уште еднаш покажа дека институциите на Република Македонија имаат капацитет нашата земја да ја прикажат само во најлошо светло.ЦИВИЛ бара од властите веднаш да го променат својот однос кон бегалците и во целост да го почитуваат меѓународното право. Неприфатливи се споредбите со односот на други земји кон бегалците кои апологетите на власта сакаат да ги наметнат, отворено или суптилно, во јавноста. Таквите споредби може да се толкуваат единствено како невешт обид за бегање од одговорноста.

Воедно, ги повикуваме сите хумани луѓе да им помогнат на бегалците со храна, вода и медикаменти.

Им честитаме на волонтерите за нивната хуманост и пожртвуваност.

Ги повикуваме сите што имаат информации за приведени и малтретирани бегалци во полициската постапка да ги споделат со ЦИВИЛ.

Однесувањето на полицијата како разуздана паравоена формација ја чини нашата земја многу повеќе отколку да покаже хуманост и да се придржува кон меѓународните стандарди. Тоа мора да запре, а одговорните за ваквото однесување треба да поднесат оставки и да одговараат според законите.

Тепањето, шок бомбите, понижувањата, бодликавите жици и гумените куршуми не можат да бидат оправдание, туку срамен белег!

Оваа вест е достапна и на: Albanian