ЦИВИЛ – Центар за слобода во Битола го одржа третиот семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“.
На семинарот учествуваа активисти, граѓан(к)и и поддржувачи на ЦИВИЛ од Битола, Прилеп, Ресен, Струга, Охрид, Крушево, Дебар и соседните општини. Учесниците имаа можност да стекнат знаења и вештини за долгорочно набљудување на изборите и на човековите права и слободи. Обуката имаше за цел да им пренесе основни познавања и од видео-активизмот, набљудувањето и известувањето, преку едукативни модули за истражување и активизам.
Предавачи на овој семинар беа истакнати професионалци и експерти во новинарството, уметноста и активизмот. Покрај тимот на обучувачи од ЦИВИЛ, Синиша Станковиќ, Горан Наумовски и Џабир Дерала, предавачи беа и Душко Груевски, Томислав Георгиев и Мартин Кочовски.
Прашањето за можноста на избор и за одговорноста за направениот избор, беше централната тема на свештеникот Душко Груевски, кој вдахновено зборуваше за слободата, за нејзиното осознавање и подготвеноста на секој човек да се жртвува за нејзино освојување, како и за идентитетот на освестениот поединец, за достоинството и гордоста на слободниот човек. Неговото излагање кое предивика жива дискусија меѓу учесниците на семинарот, беше еден од најспецифичните говори на досегашните семинари, како поради професијата на отец Груевски, така и поради неговата подготвеност да сослуша и да дебатира.
Фоторепортерот Томислав Георгиев, уредник на фотографија во неделникот „Фокус“ веќе 17 години, на семинарот, низ примери од неговата богата кариера, зборуваше за својата професија и за нејзините предизвици, низ времето. Учесниците на семинарот имаа ретка можност да се запознаат со дел од богатото творештво на авторот, по потекло токму од Битола, чии фотографии се објавувани на страниците на угледни светски весници, и кој е добитник на повеќе меѓународни награди за неговите фотографии.
Режисерот Мартин Кочовски, кој иако релативно млад, зад себе има бројни премиери и петнаесеттина учества на неговите претстави на меѓународни фестивали и уште толку награди, пред учесниците зборуваше за сопствениот театарски и уметнички светоглед, за моќта на театарската уметност, за љубовта на актерите и режисерите кон Театарот и за политичките притисоци врз уметниците и врз нивните обиди да се спротивстават на наметнатите мислења.
И во Битола, евалуацијата на резултатите од работилницата на семинарот покажа дека граѓан(к)ите се подготвени да се изборат за своите права и за слободни, фер и демократски избори. Учесниците на семинарот го имаа своето огнено крштевање како граѓански новинари на битолските улици, на кои направија бројни фотографии, вести, аудио и видео прилози за состојбата со чевековите права, социјалната правда и нееденаквоста, и за влијанието на политиката врз секојдневната живеачка на граѓан(к)ите.
По особено успешниот семинар во Битола, следниот семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“, ќе се одржи во Струмица, на 28 и 29 ноември во хотелот „Есперанто“. На семинарот можат да се пријават и жители на Радовиш, Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци и соседните општини.
На семинарот до 26 ноември можат да се пријават сите полнолетни граѓан(к)и со кратка биографија и мотивациско писмо (максимум до една страница) во кои накратко ќе ги опишат своите вештини и ќе изразат подготвеност за учество на семинарите.
Секој учесник кој ќе ја заврши обуката ќе добие и сертификат.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.