„ОМ“: Пејковски сее магла околу причините за задржувањето на Бошкоски во затвор!

Не постојат никакви правни или други пречки Љубе Бошкоски да биде пуштен од затворот во Идризово, три месеци порано од истекот на издржување на казната, на која е осуден во случајот „Кампања“, велат од партијата Обединети за Македонија. Тие додаваат дека некој калкулира и бара причина Бошкоски да остане во затвор сé до изборите.

Марјан Огњановски, потпретседател на Обединети за Македонија, вели дека нема никакво оправдување во соопштението на директорот на затворот, Живко Пејковски, според кого, причината за неослободувањето на Бошкоски била неговата кривичната постапка за предметот „Ровер“.

„За да се расчисти маглата и да ѝ стане јасно на целата јавност, укажуваме дека за предметот „Ровер“, до затворската управа е веќе доставено известување од Претседателот на Судскиот совет, дека на Љубе Бошкоски треба да му се овозможат и дадат сите права кои му следуваат од КПУ Идризово и дека нема одреден притвор за „Ровер“. Впрочем, истата мерка не се применува ниту за другите обвинети во предметот. Ако за „Ровер“ нема притвор, ако директорот на затворот Пејковски самиот кажа дека нема политички притисок да не се потпишува за Бошкоски, ако се исполнети сите останати услови, тогаш јавно прашуваме: Во што е проблемот и зошто сé уште се чека?“, праша Огњановски.

Тој додаде дека се согласува со ставот на директорот на затворот, дека за секој случај одделно се носат одлуки, но истакна и дека, според евиденцијата на затворот, во последните месеци е потпишуван предвремен отпуст за осудени лица на 90 дена до истекот на казната, и тоа за лица против кои се водат една или повеќе постапки.

Членовите на Обединети за Македонија пред неколку дена протестираа пред затворот во Идризово за да биде ослободен нивниот лидер. Тие не соопштија кои ќе им бидат следните чекори, но наведуваат дека ќе чекаат уште малку, да видат како ќе се одвиваат работите, затоа што имаат информации дека Бошкоски наскоро ќе биде ослободен.

Оваа вест е достапна и на: Albanian