Онлајн медиумите во или вон законот?

Центарот за развој на медиуми – ЦРМ организираше дебата на тема „Информативните медиуми на интернет и медиумското законодавство“ на кој беше претставен истоимениот документ за јавна политика, со цел - новинарите и медиумите кои го користат интернетот или други нови дигитални платформи за пренос на информации, да го подобрат својот правен статус.

Воведничари на дебатата беа Бојко Боев, меѓународен експерт по медиумско право од Лондон, Александар Дамовски од mkd.mk, Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ и Дејан Георгиевски, претседател на ЦРМ. Дискусијата ја модерираше Петрит Сарачини.

Законот за медиуми, донесен под притисок на медумската заедница во Македонија, не ги опфаќа информативните и сите други медиуми на интернет. Ваквата ситуација подоцна придонесе случаите за клевета и навреда, говор на омраза и лажно информирање во медиумски рамки да имаат отежната правна разврска.

Георгиевски го презентираше документот изработен од Центарот за развој на медиуми, потенцирајќи ги препораките за регулирање на новите/онлајн медиуми и нудејќи две алтернативни решенија: или целосно укинување на Законот за медиуми или нов закон кој ќе ги опфати сите медиуми, вклучително и интернет медиумите. Според него, дефинирањето на тоа што е новинар, треба да ги опфати и граѓанските новинари и блогерите кои можат да ги уживаат истите придобивки и во законот треба точно да е прецизирано кои одредби се однесуваат и на онлајн медиумите. Исто така, во однос на регистрацијата, Георгиевски истакна дека е  доволно едно регистрирање како онлајн медиум, но да не биде обврзувачко.

Бојко Боев

Бојко Боев

Експертот од Лондон, Боев, компаративно го претстави проблемот со Законот за медиуми и со безбедноста на новинарите и на  изворите на информации. Според Боев, треба да се има предвид дека медиумите се и бизнис, и во тој случај, важен е интересот на сите актери кои се вклучени во медиумскиот бизнис. Тој го истакна проблемот со медиумското покривање за време на избори, кога токму онлајн медиумите се првите кои можат да пренесат неточни информации до јавноста. Според него, на балканските простори се негува културата на неказнивост, па затоа се згоелмува и говорот на омраза и брзото ширење на дезинформации.

На дебата се отворија и прашања околу регулацијата на медиумите, при што се дискутираше  пред сé, за саморегулацијата со посебен осврт на етичките и моралните кодекси на однесување и професионализмот на новинарите, верификација на изворите на информации, но и на самите информации...

Оваа вест е достапна и на: Albanian