Денес се одржа 17-тата акција за пошумување, која беше организирана на целата територија на Македонија. Владата, во соработка со „Македонски шуми“, обезбеди 2.620. 000 садници кои требаше да бидат засадени на површина од 500 хектари. Од стотиците илјади садници обезбедени за пошумување на урбаните средини, за Општина Центар беа распределени само 120 дрвца!
Распределбата на садниците, според градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, се вршела во однос на стапката на загаденост во одредени региони. Најмногу акцент бил ставен на Скопје, Битола, Кичево и Тетово. За Скопје беа планирани околу 1.500.000 садници, од кои 265.000 во урбаниот дел на градот. Од двата милиона садници обезбедени за пошумување на урбаните средини, за Општина Центар беа распределени само 120 дрвца, 50 садници Туја Смарагд и 70 Туја Вудворди?! Ако се земе предвид бројноста на садници распределени во Општината Ѓорче Петров - 85.293 садници, се отвора прашањето; дали Општина Центар е најнезагадената општина во Скопје, или распределбата на садниците се врши според други критериуми, недостапни за јавноста?
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, остро реагираше на социјалните мрежи за ваквата распределба на садниците, обвинувајќи ја власта дека сака да „ќари“ поени во предизборниот период:
“Почитувани центарци, денес е 'Денот на дрвото' и вие имате право да ја дознаете ВИСТИНАТА! Државата, преку 'Македонски шуми', има различен аршин према единиците на локална самоуправа, па своеволно одлучува - која општина колку садници ќе добие за зазеленување на просторот. Општина Аеродром добива 22.770, Општина Ѓорче Петров добива 85.293, Општина Гази Баба добива 67.905, а Општина Кисела Вода добива 30.000 садници. Верувале или не, оваа година Општина Центар добива само 120 (со букви: стоидваесет) садници. Власта и преку оваа акција ги казнува граѓаните на Центар. За Ѓорче Петров - 85.293, а за Општина Центар, во која власта и Град Скопје направија најбрутална сеча на дрвјата, 'цели' - 120 садници. Значи, 710 пати повеќе садници се пратени за садење во Ѓорче Петров, отколку во Центар!? Жителите на Центар имаат еднакво право на чист воздух! Дури и во предизборен период, кога власта сака да 'ќари' поени на секој можен начин, сите граѓани имаат исти права. Без разлика на ова владино самоволие, ние и понатаму ќе водиме максимална грижа за здрава животна средина и повеќе зеленило”, напиша Жерновски.
Ивана Талеска
Оваа вест е достапна и на: English