ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со серијата јавни презентации на проектот Општество без граници. Следна локација на ЦИВИЛ е Велес, кајшто ќе се промовира Граѓанската повелба – глобален документ за унапредување на граѓанските права и за активно учество на граѓаните во процесите на одлучување, в среда (26 април) со почеток во 12 часот.
Граѓанската повелба претставува нов чекор на граѓанското општество во светски рамки, што се промовираше минатата година на светската конференција „Глобални перспективи“ одржана во Берлин, на иницијатива на Меѓународниот центар за граѓанско општество и повеќе реномирани светски граѓански организации и фондации.
ЦИВИЛ го спроведува проектот Општество без граници со поддршка на германската Фондација Хајнрих Бел.
ЦИВИЛ беше една од првите 50 организации – потписнички на Граѓанската повелба на светско ниво и ќе биде носител на промотивните и едукативните активности за Повелбата во Македонија.
За време на настанот во Велес ќе се организира презентација на сите активности поврзани со Граѓанската повелба на светско и на национално ниво. Граѓанките и граѓаните ќе имаат можност да добијат информативни и едукативни материјали, како и да се приклучат кон поддршката за Повелбата, преку потпишување на изјава за поддршка или со учествување во фото и видео-петицијата која е прва од ваков вид, со што ЦИВИЛ за првпат ќе го воведе овој формат на поддршка во светски рамки.
М.И.