Орданоски: Недемократска власт не може да падне на избори

Втор дел од излагањето на д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар, на експертска панел-дискусија на тема „Плурализмот и политичката криза“ одржана на 17 март 2016 г.

„Не постојат искуства во светот каде што овој тип на организирани криминални структури губат избори“ - вели Орданоски.

Настанот беше дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=PNDMacJeIE0[/youtube]

„Јас за жал, не мислам дека недемократска власт е подготвена да падне на избори, бидејќи не сум видел досега искуство во светет каде што овој тип на организирани криминални стриуктури губат избори, сум видел разни други модели како паѓаат тие власти, меѓутоа - не на избори. Второ, ме прашувате за Специјалното јавно обвинителство, суштината на СЈО е напорот - во Македонија да се направи барем еден камен, едно цврсто место каде ќе може институционално да се нагази. За оттаму да тргне приказната за реституцијата на демократијата, бидејќи македонскиот институционален и демократски систем е распаднат, парламентот, комплетно судските органи, извршните и независните тела кои би требало да работат независно а не работат.... Како некакво излезно решение во овие пржински преговори, се дојде до тоа да се направи макар една институција од којашто би почнала ревитализацијата на демократијата. Како токму таа институција да се занимава со тие кои демократијата ја доведоа до ова ниво.

Сега, пак се враќам на приказната за одлуката на Уставниот суд, одговорот на тоа е (сé што го говорат колегите) се темели на тоа да имаме некакви кредибилни избори. Ако вие не можете да го истражите и докажете криминалот околу изведувањето на изборите и ако претседателот е избран на такви избори, добива право да ги аболира тие кои што го правеле тој криминал, ние пак се враќаме не на почетна, туку на минус - позиција. И сега, повторно со една одлука на Уставен суд, е срушена интенцијата да се направи една институција од која би почнала реституцијата. Така што, излезот ќе биде хаотичен, ќе трае долго, Македонија ќе биде земја со години нанапред, во која што ќе има само прва и рикверц во процесите постојано. За жал, најуспешниот проект на досегашната власт е сепак, заминувањето на веројатно 20/25 отсто од населението во странство, така што анегдотски одговор на прашањето – каде е излезот, е - излезот е на аеродромот ‘Александар Македонски’. И тоа, најбрз и најефикасен излез. За овие милион ипол што се останати тѕка, ова ќе биде еден мачен процес којшто ќе трае веројатно цела деценија, ако воопшто тргне ова во некој правец кој што ќе овозможи за направиме реституција на демократијата.

Гледајте, не се малку вакви земји или (како да кажам) државни, полудржавни, парадржавни  ентитети во светот. Ентитети коишто не може да се распаднат заради околности кои што се регионални, стратегиски итн., а во кои, во суштина, не владее правото. И мачно е да се живее во таков провизориум на држави, бидејќи вие немате речиси никаква правна сигурност, бидејќи човековите права се прашање на толкување а не на стандарди, бидејќи овој тип на суверена демократија – Путиновска, за која зборев на почетокот, практично конституира една флотантна ситуација во смисла на тоа кои ќе бидат нормите според кои ќе се однесуваме. Општествениот договор секогаш, на крај, ќе го толкува канцаларијата на лидерот.

Дали ќе успееме во овој напор не знам, јас лично мислам дека треба сериозно да се размислува, бидејќи стварно бесмислено е да се врзуваме за датуми за избори. Јас немам ништо против да биде и 5 јуни, може да биде и 5 септември, може да биде и 5 јуни 2018 година, под услов да добиеме легитимни избори каде што тие нема да бидат потоа оспорувани. Инаку, ако е работата да дојдеме до избори коишто потоа, некоја од страните ќе каже - јас не се согласувам, тоа е исто каде што сега се наоѓаме и од каде што тргнуваме. Според тоа, нема магични решенија, нема едноставни одговори, а власта се обидува и мора да го респектирате тоа што го прави. Тие сепак, се борат за сопствената кожа, тие се во еднa ситуација на контрола на штетата, веќе година дена наназад, сé ќе пробаат: од крстови до двоглави орели, преку бегалци, како да ви кажам, сé што може ќе вклучат во апаратурата на опстојување и одбрана од тоа што може да ги чека.

И во таа смисла, е важно работењето на вакви организации како што е ЦИВИЛ. Видете, на крајот на краиштата, сепак, постои едно големо освестување во Македонија, денеска процентот на оние кој не знаат за што се работи е многу мал, тоа е друго прашање - која страна ја избираат да ја поддржат. Tоа прашање може да има слоевити одговори, зошто е тоа така, како што да речеме, сигурен сум дека се слоевити одговорите... На оној тажен собир кој се собра во одбрана на Уставниот суд, сендвичи, автобуси, збунети изјави, аболиции на педофили... Меѓутоа, во суштина, таа борба ќе трае во Македонија и ќе биде предмет на секое утро, нема ни еден успех којшто ќе го постигнеме и ќе победиме во еден ден. Тоа ќе биде предмет на една долготрајна дебата, борба за секој сантиметар од демократскиот терен“.