На националната конференција „Europe, my country“ (Европа, мојата земја), која се одржа вчера, еден од панелистите беше и политичкиот аналитичар д-р Сашо Орданоски. Меѓу другото, тој се осврна и на Шарената револуција, и на влијанието на Интернетот и социјалните мрежи како алатка со која може да се закаже револуција, но не и да се реформира општеството, зашто некој мора да донесува одлуки.
„Се случи Шарената револуција и ние сите сме свесни за тоа, но не заборавајте една работа, јас секогаш го цитирам Иван Крастев, кој има една феноменална анализа за можностите наИинтернетот. Преку Твитер можете да закажете револуција, не можете да направите реформи. Тоа е еден вграден проблем на овој тип на нови технологии. Ние вечер ќе се согласиме дека ќе се најдеме во 19 часот пред СЈО, ама потоа, не можеме да се согласиме на ништо. Ќе одиме, ќе фарбаме и се тоа е многу убаво, прв ден, втора недела, е сега 80 дена, и што правиме? Тоа е проблем кој преку Твитер не може да се разреши. За да се разреши, сега треба да дојде структура, а штом има структура, мора да има хиерархија. Сега, некој треба да почне да донесува одлуки. За да донесува одлуки, треба да се свика некој за нешто да се одлучи, и оттука натаму, влегуваме во класичните организирани шеми на познатите демократски институции кои се викаат партии, пол движења итн. Судбината на Шарената револуција е доведена прилично во прашање, затоа внатре се раѓаат партии... Но, се тоа е нормално, треба да се има политички амбиции, па и партиски, тоа е најнормална работа. Меѓутоа, Шарената револуција не може да опстане ваква каква што е, ако не се трансформира, а нема каде да се трансформира. Власта тоа го знае, власта затоа ги толерира, дури би рекол дека власта не турка премногу кон насилство, инаку тие можат да предизвикаат и насилство ако сакаат, тие се способни за тоа. На 5-ти мај 2015, беше една мала проба, тоа не е ништо. Но, власта си вели: Пушти ги самите... Знаете после тоа како е, доаѓа замор, деконцентрација, кавги, нема ресурси, за тие работи треба пари... Па, доаѓаат младите кои велат - имам сесија, што е нормално, се тоа така се одвива“, изјави Орданоски.
Оваа вест е достапна и на: Albanian