„Имаме еден граѓански сектор којшто на дневно ниво исфрла говорници по митинзи, по протести, по медиуми, по социјални мрежи....
Тоа е свежа крв, тоа се луѓе коишто досега не сме ги гледале на сцената..., луѓе кои имаат автентична енергија во себе, а коишто претходно, имаат прецизно артикулирани политички погледи... Гледате една чиста, артикулирана мисла за тоа што се сака и една информираност за тековите во светот, во Европа и во регионот, за тоа за што се залагаат. Тоа е една информирана квалификувана база на луѓе којашто во текот на настаните се собра околу Шарената револуција“, вели д-р Сашо Орданоски, во третиот дел на својата видео-анализа.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=FFRVGPJsk4w[/youtube]
Во ова продолжение на видео-анализата за ЦИВИЛ – Центар за слобода, д-р Орданоски се задржува на можноста граѓанското општество сериозно да влијае на општествените текови во Македонија, и одговара на прашањето дали може да се очекува Шарената револуција да опстане и да се наметне како сериозен чинител во понатамошните политички текови? Според Орданоски, Шарената револуција е веќе фактор без кој не може да се преговара.
„Шарената револуција и граѓанската иницијатива којашто стои зад неа е дефакто крвотокот на ова што сé уште постои како некоја демократска иницијатива во Македонија, вон официјалните политички партии. Таа се наметна како фактор тоа е неспорно, таа има еден цивилен потенцијал во себе и е веројатно, круцијалниот, дел, главното, јадрото на целото тоа движење. Меѓутоа таа е потпомогната, потпрена или сапортирана од разно-разни политички или формални, други движења, пред сé, од опозицијата. Не само на ниво на тоа што ние гледаме, луѓето коишто излегуваме на тие протести, дека тука има и многу припадници на опозиционите партии коишто се приклучуваат. Претпоставувам дека калкулацијата на опозицијата со движењето на Шарената револуција е дека нивните позиции се подобруваат и се во некој преговарачки процес на натегања, со домашни и странски фактори, со режимот..., и тоа е само еден аргумент повеќе. Опстојувањето на Шарената револуција? Овој тип на движења израсна неорганизирано, како автентичен дел на граѓанското општество и како такво, и денес нема некаква вертикална организација. Тоа е сепак, една хоризонтална поставена иницијатива, во која луѓето влегуваат без потреба да имаат лидери, или да имаат цврсти јасни агенди. Барањата коишто произлегоа се барања кои, во меѓувреме, во јавноста се провлекуваа, и тоа е многу значаен дел, Револуцијата не само што ја разбуди, туку ја одржува јавната дебата. Ние, во Македонија, и без Шарената револуција би имале јавна дебата - би ја воделе формални политички фактори, а тоа се, пред сé, партиите. Вака, имаме еден граѓански сектор којшто на дневно ниво исфрла говорници по митинзи, по протести, по медиуми, по социјални мрежи....Тоа е свежа крв, тоа се луѓе коишто досега не сме ги гледале на сцената. Тоа не се луѓе, како мене, коишто настапуваат по 100 пати во годината и кои им се здодевни на сите, туку се луѓе кои имаат автентична енергија во себе, а коишто претходно, имаат прецизно артикулирани политички погледи. Тоа се луѓе од помлади генерации, иако таму има луѓе од сите генерации, но вие гледате една добро образована структура на луѓето, гледате дека политичките собитија и политичкиот систем им е јасен, гледате една чиста мисла, артикулирана мисла за тоа што се сака и гледате една информираност за тековите во светот, во Европа и во регионот за тоа за што се залагаат. Тоа е една информирана квалификувана база на луѓе којашто во текот на настаните се собра околу иницијативата наречена Шарена револуција.
Шарената револуција е апсолутно неопходна за поддршка за македонската демократија! Протестирањето е нешто што на македонската демократија насушно и е потребно, не само затоа што во оваа земја веќе одамна само со протестирање може нешто да промените. Бидејќи гледаме дека во ситуација на целосна блокираност на институциите, имаме ситуација во којашто Собранието кое треба да е врв на претставничкиот модел на демократијата е една најприземна гласачка машинерија. Таму нема ни трунка од некаков интегритет на пратениците на власта пред сé, бидејќи тие се мнозинството кое го диктира темпото, коитреба да настапат со свои мислења... Тоа е една армија, една војска која гласа така како што Груевски и неговата машина и апарат ќе кажат. Тоа се дискусиите, тоа се ставовите, таму нема ништо! Бидејќи таму нема ништо, медиумите се крајно поделени, а оние коишто се контролирани од власта - се исто една контролирана машинерија којашто дневно се координира. Таа не се координира таа се субординира, бидејќи таму доаѓаат текстови и се преобјавуваат дури и без промена на насловите, најчесто непотпишани. Бидејќи ја нема и таа втора инстанца за некаква јавна дебата, на крај јавната дебата се пренесе на улица и од улица се врати назад во јавниот простор. Во таа смисла, Шарената револуција и во регионални рамки е некаков оригинален придонес на случувањата коишто ги гледавме во Бугарија, во Србија - долги години, во Албанија - до извесна мерка, во Косово - до извесна мерка, па дури и најрадикално - во Грција, бидејќи и традицијата на протестирање и демонстрирање во Грција е, сепак, најстара. Не заборавајте дека ние сме земја во која нема организирани синдикати на еден модерен начин, кај нас синдикатите секогаш биле а сега се особено, така висок политички паралелизам и се, практично, продолжена рака на власта! Секогаш и биле, и тоа што се јавува како независни синдикати, се многу мачни обиди малку од малку да се разбуди некаква синдикална свест кај вработените во Македонија…
Во Грција имате дури и капацитет за насилни протести, ние го гледаме тоа, имате анархистички, левичарски, десничарски движења... Македонија мислам дека наврапито, во последните 3-4 години, влезе токму преку протестите на Шарената револуција, влезе во тој домен на учење на што е тоа да се протестира и како тоа да е дел од демократијата. Притоа, морам да ви кажам дека јас сум на извесен начин, многу позитивно изненаден што тоа во Македонија се изведе на многу високо цивилизиран начин. Кога ќе видите дека немавме некои значајни инциденти и покрај провокациите и покрај истенченоста на нервите на сите страни, и покрај тоа што е жесток одговорот на власта кон Шарената револуција (да не навлегувам во тоа бидејќи е тоа позната приказна - заканите се големи, полицијата и тајната полиција сега се во една повторна акција на жестоко притискање поединечно, на сите кои на било кој начин се малку поартикулирани во тие движења), но тоа сепак, Шарената револуција го издржува. И досега одговара на еден прилично конзистентен и политички продуктивен начин. И таа е веќе фактор без кој не може да се преговара.
Јас не сум сигурен дека Шарената револуција треба да седне официјално на масата за преговори, бидејќи мислам дека на тој начин ќе биде вовлечена во една друга формална структура која таа инаку, сака да ја корегира токму однадвор. Нејзиното седнување на било какви преговори, ќе ја формализира нејзината позиција, и ќе побара потоа, да мора таа поинаку да се организира. Тогаш ќе мора да се бараат лидери, да почнат да се бараат координатори за утврдување на точни ставови, преговарања, а преговарањата се секогаш со резултат 100:0, значи, компромиси и сето тоа. Мислам дека Шарената револуција треба да го задржи тој корективен елемент, треба да се артикулира според тоа што другите преговараат и не треба да толерира доколку погрешни работи се случуваат. А начините за артикулација ги има Шарената револуција, и да не биде притоа вовлечена во официјалниот дел. Мислам дека на тој начин ќе се расточи таа свежина и таа конзистентност која сега ја има“.
Д-р Сашо Орданоски
Оваа вест е достапна и на: English