„Во други држави паѓаат влади за договори за корупција, за кршење на некаков закон, за илегални акции... Во Македонија добивме над 400 разговори, во кои, во детали, со нивните оригинални гласови, по 30, 40 минути ги опишуваат нивните злодела“, рече д-р Сашо Орданоски, член на експертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода, на промоцијата на публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“. Орданоски потенцира дека „власта детално развила систем за крадење на изборите“, но и дека „тие што учествуваа во изборен криминал, на следните избори нема да учествуваат на изборите“
„Шокантно е да видите дека немало обвинител или судија во изминатите 10 години, којшто претходно не поминал на разговор кај шефот на тајната полиција. Шокантно е да слушнете како се рекетираат бизниси, се прават договори за преземање на фирми и можам да ве убедам дека тоа е само мал дел од разговорите кои ги слушнавме. Најшокантно е тоа како се крадени изборите кои се темелот на демократијата! Ако во тоа чепнете, во таа светост, ако тоа го фалсификувате, тогаш, сé друго станува бесмислено. Тогаш, државата и демократијата се украдени на самиот влез, и сé понатаму станува проблем“, дециден е Орданоски.
„Овие луѓе што ја водат државата, развиле систем во којшто детално развиле начин како ќе се крадат изборите. Во Македонија, во 25-те години, не сме имале никогаш совршени избори, секогаш сме биле сведоци дека гласањето се одвивало на работ од легалното, но шокантно е кога ќе видите како целата ‘машинерија’, на индустриско ниво, значи, со еден корпоративен пристап, ги фалсификувала и ги крадела изборите! Сите ресурси им биле на располагање: пари, луѓе, медиумска поддршка, сé им било дадено на тацната за крадење, бидејќи општеството е доволно обработено - еден дел од гласачите да гласаат за опцијата која ги краде изборите!“, смета експертот на ЦИВИЛ.
„Улогата на ЦИВИЛ е многу интересна, и го подржувам веќе неколку години, зашто, јас многу сакам луѓе кои работат на терен. Преку глава ми е од невладини организации коишто седат во канцаларии, дел од нив се експерти, можеби и јас сум таков, бидејќи таква ми е професијата, но дел од професијата ми е и на терен, и знам дека искуствата од терен се незаменливи, многу драгоцени. Никој во Македонија не се занимавал онака, како што ЦИВИЛ се занимава со тие прашања: да излезе меѓу луѓето да собере информации, приказни, да се оди на терен, да се констатира дека зградата нема трет влез, да се отиде, да констатира кај се наоѓа зградата, станот кај што има 56 регистрирани гласачи, да се отиде да се види човекот којшто вели дека се заглавил во лифт... Ние навикнавме да живееме во општество во кое сториите ни доаѓаат од пропагандни центри, каде дури и насловите не се менуваат, сториите не се потпишани и на луѓето им се вари мозокот, уште и пред да почнат да размислуваат“, рече Орадноски.
„Од вчера сум поблаг оптимист, бидејќи секогаш гледам да сум реалист. По посетата на госпоѓа Нуланд, ми се чини дека сите ќе одговараат за тоа што го правеле и гледам дека странците сакаат таа работа да се тера во институциите. Македонскиот конфликт е опасен, компликуван, има многу незгоден потенцијал, меѓутоа странците изнајдоа начин сето тоа да го истераат низ институциите, бидејќи разбираат дека институциите се поважни од самите политичари. Тие инсистираат да имаме добри институции, а тоа е подобро за нас, граѓаните. Ние ќе добиеме специјално судско одделение, ќе добиеме специјална полиција која ќе се занимава со ова... Меѓу другото, и давањето поддршка на СЈО и тоа на еден ригорозен начин, од најголемата светска сила и најголемиот партнер, бидејќи САД и ЕУ ни се стратегиски партнери за кои сме се определиле како општество, меѓу другото, и за можностите кога гласаме, е во тој контекст...“, смета Орданоски.
„Во весниците читам дека се договараат избори за во ноември, што значи, дека ЦИВИЛ ќе има уште многу работа во претстојните месеци. Исто така, гледам дека луѓето коишто ги злоупотребуваа институциите, немаат намера да се откажат од тоа, но правната држава има шанси да ја победи политичката држава, бидејќи ако политичката држава излезе победник, тогаш е тоа нема да биде добро за никого, а најмалку за Македонија...
Тие што учествуваа во изборен криминал на следните избори нема да учествуваат на изборите, со нив е завршено тоа е јасно. Но, како и да излезат изборните резултати, мислам дека на Македонија по оваа лекција, ќе и треба барем еден циклус од неколку децении, за некој повторно и да помисли - на ваков 'индустриски' начин да влезе во злоупотреба на комплетниот демократски систем во општеството“, рече во своето излагање, Орданоски.
ЦМ